Thursday, December 23, 2010

рецензии - музика; Life магазин, ноември 2010

The Roots - How I Got Over (Def Jam, 2010)
Деветтиот по ред албум на американскиот хип хоп состав The Roots. Нивната кариера започнува во далечната 1987 година, а првиот албум го издаваат во 1993. Оттогаш, виновни се за некои навистина успешни албуми, но и пар незобаравни, веќе класични хитови (You Got Me, The Seed,…). How I Got Over звучи како најзрелото издание на овој состав, со неколку прекрасни композиции на него (Radio Daze, Now Or Never, How I Got Over). По преслушувањето, станува јасно дека се работи за музика изградена врз најдобрите традиции наследени од фанк, соул и рокенрол културите. Препорачуваме.

Елоквентни Господа - Елоквентни Господа (Токсикологија рекордс, 2010)

Директен производ на транзицијата помешана со чисто улично воспитување. Ова е бенд во кој меѓу другите членува веројатно најполуларниот рапер кај нас Салаткаристика. Се работи за хип хоп плоча, дебитантска за Елоквентни Господа. Фасцинацијата доаѓа од првиот момент на преслушувањето на овој албум. Не музички, туку текстуално. Маркери: менување на букви во одредени зборови (ч = ќ), типичен уличен јазик и многу, ама многу пцвоки кои неретко ја доловуваат есенцијата на уличниот живот од скопските предградија. Реков, директен производ на нашата бескрајна транзиција. Доколку вашите деца-тинејџери ги слушаат Елоквентни господа, бидете сигурни дека некаде сте погрешиле со воспитувањето.

Фонија – Петар Пан синдром (ПМГ рекордингс, 2010)
Фонија се паметни деца. Да, паметни деца. Доколку вашите деца-тинејџери слушаат Фонија, бидете сигурни дека воспитувањето не било залудно.
Се работи за вториот албум на овој скопски состав, наследник на Параноја од пред неколку години. Фонија се тинејџери кои свират панк-рок. Класична рокенрол постава: тапани, бас, гитара, глас. Петар Пан синдром е албум што се преслушува за доручек: 13 песни, 29 минути. Знаете, панкот сеуште претставува супер начин на изразување. Пеат на македонски јазик што само ја надополнува убавата приказна која веројатно е на самиот почеток. Сакаме уште!

Nicolas Jaar - 6 edits L.P. (Wolf&Lamb Music, 2010)
Николас Жар е роден во Њујорк а израснат во Сантијаго де Чиле. Во деведесетите се враќа во Њујорк каде што моментно живее, работи и студира. Овој млад музичар успева да ја врати вербата во електронсаката денс музика која каска во место во изминативе десетина години. Во музичкиот свет дебитира со Е.П.-то The Student, кое го издава на 17 годишна возраст.
Овогодинешниот 6 Edits L.P. е прекрасно албумско остварување кое успева да звучи “вистински“ во било кој даден амбиент: диско-клуб, автомобил, плажа, ресторан...
Како што кажува насловот, се работи за 6 композиции низ кои освен прекрасната атмосфера провејуваат и некои познати семплови од светското музичко наследство. Николас Жар е артист кој сеуште се развива, а неговиот неспорен талент укажува дека ова е име кое не смееме да го испуштиме од нашиот вид.

No comments:

Post a Comment