Thursday, December 23, 2010

Среќни сме што живееме во Белгија

Интервју: Питер Вирмиирхс (Flat Earth Society)


Питер Вирмиирхс е крајно интересен соговорник. Веројатно е најпознат по работата во „Х-Legged Sally“ - белгиски бенд од крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години, додека неговиот сегашен состав „Flat Earth Society“ е еден од најбараните европски биг-бендови. Во неговата музика често провејуваат коментари за историски личности, но и политички ставови за моменталната светска ситуација. Свири кларинет, алт саксофон и клавијатури, компонира, продуцира и издава музика. Познат е и по својот хумор, но и зајадливите забелешки за разни политички и социолошки прашања. „Flat Earth Society“ настапија за прв пат во Скопје, во рамките на 29. Скопје џез-фестивал.

Одличен концерт минатата вечер. Кажи ми нешто повеќе за вашите импресии од настапот на Скопскиот џез-фестивал.
Сите од бендот беа многу среќни. Вчера беше напорен ден, моравме да се разбудиме во 5 часот наутро, па пoтоа во автомобил, па во воз, па на авион... Стигнавме во Скопје околу 4 часот и веднаш моравме да направиме тонска проба. Тоа е тој глупав дел пред настапот кога знаеш дека си пристигнал, а всушност баш и не знаеш каде си, уморен си, а баш и не си... Многу е важно како ќе те прими публиката, а луѓето вчера беа фантастични. Салата беше одлична. Ми се допадна. Имам учено архитектура, не музика, и навистина ми се допадна акустиката на местото. Со ваков бенд можеш да свириш многу гласно или, пак, многу тивко, тешко е да се најде некоја средина. За да се постигне тоа, потребна е добра акустика и мислам дека тоа го имавме вчера. Добрите услови за свирка придонесоа сите ние да се опуштиме и да се чувствуваме добро за време на настапот. Кога ќе ги добиеш овие услови за работа, нешто се случува, музичарите се опуштени па и композициите можат да отидат во некој нов правец. Сето тоа се случи вчера, а јас можев да видам само среќни лица околу мене...

Во музиката си присутен од 1978 година, што значи дека веќе зад себе имаш 30-годишна кариера. Многу бендови во многу различни периоди. Би можел ли да го издвоиш твојот омилен музички проект?
Да, веќе имам 50 години. Ха-ха-ха... Омилен проект, веројатно секогаш е тој што во моментот го работиш. Имам проблем да ја слушам својата музика. И не го правам тоа. Немам потреба. Слушам своја музика, но тоа секогаш е постара музика, нешто што сум изработил пред многу години. Не знам кој проект ми е омилен, знаеш, тоа често зависи и од контекстот. Некогаш дури добивам понуди повторно да работам со „X-Legged Sally“, но не мислам дека тоа е добра идеја. Таа приказна е завршена, јас сум многу постар... Тоа е како да го прашаш таткото кое дете му е омилено. Дури и да се хендикепирани, ти ги сакаш своите деца.

Пред неколку години компонираше музика за немиот филм „The Oyster Princess“, на култниот режисер Ернст Лубич. За што поточно станува збор?
Мислам дека тоа е еден од нашите најдобри проекти. Прилично е модерно во моментов, многу музичари се занимаваат со изработка и изведба на жива музика за филм. Кај мене отсекогаш постоела фасцинација за дијалогот што настанува помеѓу филмот и музиката. Во тоа време беше пронајден еден загубен филм на Ернст Лубич, „Die Austernprinzessin“ од 1919 година. Откако беше реставриран, го добив филмот, го изгледав и веднаш знаев дека се работи за добар филм. Кога гледаш постари филмови е потешко, ги гледаш на друг начин. Не сме навикнати да гледаме неми филмови. Многу од тие класици од ерата на немиот филм се предолги. Дури и најголемите класици, за нас се предолги. Имаме друг начин на перципирање на информациите. Овде го нема тој проблем! Филмот трае еден час, ја има должината и е навистина смешен, тоа е филм кој гризе. Мене, лично, многу ми се допадна. Тоа и ми олесни во компонирањето на музиката. Бев интригиран на повеќе нивоа. Би морал да го погледнеш! Убавата работа е што на луѓето сето тоа им се допадна. Свириме за време на проекциите и, всушност, свириме за луѓе кои се дојдени да го видат филмот а не да ги слушаат „Flat Earth Society“, луѓе кои веројатно никогаш не дошле на наш концерт. И тоа е убава работа, кога имаме можност да се обраќаме на нова публика...

Веќе некое време ја водиш својата издавачка куќа „Zonk!“. Која беше причината да основаш сопствена издавачка куќа?
Па причината е класична. Издавачките куќи не се баш заинтересирани за нашата музика, па сами ја издаваме. Но, главниот проблем доаѓа со дистрибуцијата. Ако немаш добра дистрибуција, немаш ништо. Имаме договор со „Crammed Discs“, но за нашиот последен албум немаме дистрибутер, па тој може да се набави само на нашите концерти или, пак, да се нарача онлајн. Толку многу промени во светот во последно време, а јас баш и не сум заинтересиран за сите тие процеси. Порано дури и имав некои состаноци со луѓе од „ЕМИ“, но јас не сум заинтересиран за тоа. Сакам да бидам инволвиран во процесот, а кога работиш со голема издавачка куќа, едноставно не си вклучен 100%. Не знам што сакаат тие луѓе. Не ги разбирам!

Гледано од овде, музичката сцена во Белгија е една прекрасно развиена гранка, каде што музичарите и стиловите се испреплетуваат и се почитуваат. Дали навистина тамошната музичка сцена е ваква?
Некогаш има и силни караници. Има секакви музичари. Повеќето од нас уживаат во слободата. Секое утро сфаќам во каква неверојатно комотна ситуација се наоѓам. Добро, веќе имам 50 години и мислам дека сум изработил за да ја имам оваа слобода. Секое утро се прашувам што ќе работам денес: дали тоа ќе биде румба, фри џез или нешто трето... Тоа во Белгија е луксуз, но и потреба. Земјата е мала и музичарите се познаваат меѓу себе. Битно е да се каже дека жанровите се испреплетуваат. Разни музичари свират разни стилови. Контактите се директни. Ако ми треба гитарско соло, на пример, знам точно каде да се обратам. Музичката сцена во Гент, исто како и во Брисел и Антверпен, е многу развиена. Секоја вечер некој нешто организира и навистина е многу интересно. Мислам дека сме среќни што живееме во Белгија.

Познат си и по твојата работа како продуцент. Која е твојата агенда? Каква музика сакаш да продуцираш?
Не сакам да имам кариера како продуцент. Не би било можно да работам често како продуцент. На некој начин тоа е и досадна работа. Ете си ти во студио, седиш и ги гледаш луѓето од бендот како креираат нешто. За да продуцирам некој бенд, мора да ми се допаѓа што тие работат. Не сум Брајан Ино, немам некој посебен рецепт. Мислам дека треба да им наметнам пријатна атмосфера за работа на музичарите. Сакам тие да се чувствуваат дека прават музика, а не албум. Значи, треба да ја направат музиката, а потоа техничарот т.е. продуцентот треба да го направи албумот. Пред некое време работев со „Madensuyu“, белгиски бенд - дуо, гитара и тапани, навистина се фантастични. Беше убаво да работам со нив.

Твоето име прв пат го имам сретнато во 1994 година како продуцент на деби албумот на dEUS - Worst Case Scenario. Те молам, ќе ја разрешиш ли мистеријата за мене? Вистинскиот изговор на твоето презиме?
Вирмиирхс. Пробај!

Како е да се работи со биг-бенд?
Од организациски аспект е тешко. Свирењето е добро. Тоа е биг-бенд, но акцентот е на бенд. Нема разлика помеѓу група од четворица и група од 15 музичари. Организациски е тешко, некои музичари како нашиот тапанар на пример, свират цело време. Цело време се на некоја турнеја, секогаш некаде на другиот крај на светот. Тешко е и за договарање настапи. Некогаш организаторите сакаат да те букираат една година пред настапот, а со нас тоа не секогаш е можно.

Питер, ти благодарам за времето што го одвои за ова интервју, благодарам и за прекрасниот концерт вчеравечер. Се надевам дека повторно ќе бидеш гостин на нашата земја.
Да со задоволство, ако вашата земја сѐ уште постои...

No comments:

Post a Comment