Tuesday, December 28, 2010

македонците и телевизијата: декември 2010

МАКЕДОЛАМБАДА

Овој текст ќе понуди некои размислувања околу телевизијата кај нас и колку таа придонесе да се изместат вредностите во нашата бескрајна транзиција. Пар белешки како некои вредности добија нови толкувања


За јазикот.
Ќе започнам со единственото нешто што би морало да остане недопрено и неизвалкано. Освен тоа, јазикот употребуван во најмоќниот од сите медиуми би морало да служи за пример. Ете конфликт на самиот почеток. Ниту една ТВ-станица нема вработено лектор. Тука не зборуваме за филтрирање на јазикот користен во разните ток-шоуа, туку на чист, литературен јазик во вестите, документарните програми и титловите со превод на филмовите. Не. Освен што нема правилен македонски, секојдневно се судираме со недозволиви грешки (лошо акцентирање, грешни конструкции, дијалекти, па дури и неправилно користење одредени зборови). Секојдневно! На вести, на сите телевизии! Најмоќниот медиум сосема опуштено и без престан користи неправилен јазик. Грешки од секаков тип кои често на дадената тема и’ даваат димензија на бурлеска. Од друга страна, пак, сите пишани медиуми мора да имаат вработен лектор, и на крајот на денот јас тука не смеам да се служам со јазикот присутен на ТВ-станиците. А баш би сакал. Би сакал да им се обратам на нивниот јазик.

За естетиката.
Не би можел да го заобиколам „Миленко Неделковски шоу“. Шоу. Тоа е убав збор. Сценографијата во студиото, пак, не е убава. Не е убаво патика да биде дел од сценографија. Не е убаво кога водителот нон-стоп погледнува кон мониторот и си ја подместува фризурата. Не е убаво кога се седи свртен кон камерата ноншаланто завален во столчето. Не е убаво да се зборува убаво за себе.
И неговиот колега од истата фреквенција, симболот на невкусот кај нас, господинот Драган Вучиќ. Неговото ново шоу визуелно изгледа исто како и тоа пред него, и тоа пред него... Не е убаво. Музички е многу појако. Пред некој ден емисијата беше отворена со најавната тема од серијата "Династија" отсвирена во живо. Бесценето. Гостин, покрај бугарската пејачка, Панки - вокалистот на „Куку-леле“. Истиот тој што пред некое време беше уапсен во Италија за злоупотреба на кредитни картички, зборува за професионалните (пејачки) ангажмани. Не е убаво, нели?
Кога сме кај естетиката, би ја споменал и емисијата „Нешто убаво“. Тоа беше моето омилено ТВ-шоу. Водителката и нејзиниот „сајд-кик“ готвач успеваа да допрат до некои неистражени подрачја. Како кулинарски, така и општествени. Потоа исчезнаа. Беа заменети со тим нималку забавен како нивниот. Разочарувањето коешто беше огромно, за среќа заврши доста брзо со нивната миграција на Канал 5 во шоуто „Заеднички ручек“. Да, животот е убав...
Се надевам дека гледате „Браво шоу“. Тоа е најдоброто македонско ендемско ТВ-шоу во моментов. Се емитува на А1 и сигурен сум ќе биде предмет на поширока анализа во еден од следните броеви на „LIFE“. Водителското трио Сузана Турунџиева - Жанко З’ш - Ранко Рангелов успева секоја наредна епизода да изненади со широка палета нови естетски вредности. Згора на тоа, нивните обиди за хумор се навистина забавни. Едно комплетно македонско ТВ-шоу.

За вредностите.
Гостувањето на господинот осуден за злоупотреба на кредитни картички ме натера да размислувам на темата. Кога тоа кај нас вредностите добија нови толкувања? Кога тоа криминалот стана кул? Прво нешто на што ми текнува е Велибор Џаровски - Џаро и неговите бескрајни приказни за случките кога со „итрина“ и „заобиколување на законот“ уште „на времето“ во Југославија успевал да стигне до посакуваниот резултат. Џаро беше првиот. Сето тоа „во живо“ на вашата омилена ТВ-станица. Кога сме кај Џаро, не можам да ја изоставам најавната/одјавна шпица за неговото ново шоу на Канал 5 наречено „Џаро плац“. Зборовите се недоволни да се долови аматеризмот, невкусот и плиткоста на овој ТВ-џингл. Ремек-дело или ако сакате прво место во категоријата „македонски ендемски ТВ-џингл“. Да се вратиме на вредностите. Џаро беше првиот. По него само се редеа нови, нови и нови. Нови играчи кои преку ТВ-станиците ги извртуваа вредностите пред очите на аудиториумот. Телевизијата некогаш е проклета работа. Знаете, таму често може да се види одреден господин како се колне во едно а потоа прави друго. Покрај другото, телевизијата е сведок. Таа сведочи како еден наш водител, на пример, на почетокот на својата кариера имаше ужасно расипани заби. Потоа забите се поправија. Често ваквите примери се однесуваат на ставови кои со текот на времето се менуваат и, обратно од забите на симпатичниот ТВ водител - се расипуваат.

За „Еднооки“.
Сатирата е одлично средство за изразување. Овозможува директни коментари на конкретни работи. Ќе се сложите, нешто што одговара на нашето плодно поднебје. „Еднооки“ следејќи ја карикатурата како жанр успеваат успешно да коментираат одредени општествени појави и жално е што ова е единственото такво ТВ-шоу кај нас. Јофе и Весна Бејби би можеле на ист начин да стигнат до поентата. Но, прво би требало да запишат краток курс по цинизам па потоа повторно да се обидат.
Некои директни коментари, надополнети со доза здрав хумор го издигнуваат „Еднооки“ на врвот на домашната ТВ-продукција. Иако во последно време може да се насети наклонување кон одредена политичка опција, „Еднооки“ претставува единственото домашно ТВ-шоу кое држи до себе и успева на навистина кул начин да го коментира општеството, често директно стигајќи до самата поента. Пример: во една постара епизода (во времето кога на власт беше СДСМ), Јани Макрадули се труди да објасни дека тој е на власт. На ова негово „крекање“ се одѕива Штерјо Наков кој со багер го прегазува и го тера у... Е, тоа е смешно. Во исто време, ја кажува вистината. Нешто што Џаро никогаш нема да го направи...

No comments:

Post a Comment