Saturday, March 12, 2011

ГО ЗАГУБИВМЕ ЕНТУЗИЈАЗМОТ

Лајф магазин интервју, февруари 2011: Новоградска


Игор Василев е музичар во своите рани триесети години. Присутен на домашната музичка сцена од своите тинејџерски години, најпрвин со бендот Балкан експрес а во поново време работи под псевдонимот Новоградска. Актуелен е со саундракот за филмот Мајки, непрестано работи музика за театар додека зад неговото име стојат два извонредни, типично скопски хит-песни во Ајде да летаме и Кој го спаси градот. Во опуштена атмосфера поразговаравме за последните негови ангажмани и за домашната музичка сцена.

Кога би требал да поставам прашање за музиката за филмот Мајки на Милчо Манчевски тоа дефинитивно би било врзано за третиот дел на филмот. Претставуваше ли предизвик да направиш музика за документарен филм кој се основа на нашата сурова реалност?
Се разбира дека беше предизвик. До сега безброј пати сум повторил дека кога зборуваме за филмска музика - таа мора да ја поддржи приказната и да не застрани од тоа што гледачот треба да го доживее. Најпрвин требаше да ја разберам приказната, да ги разберам сите слоеви што во себе ги носи филмот. Тоа мое позиционирање траеше прилично долго и тоа беше доста тежок процес. Фино што го спомна третиот дел, таму, како што тече приказната - клопчето се одмотува, дознаваме се повеќе и повеќе работи а чуството станува се потешко и потешко. Во принцип, музиката треба да го раскаже истото ова како што сега јас го раскажав со зборови.
Првпат го гледав филмот во недовршена, раф верзија. Веќе одамна беше, тогаш со Милчо работевме на проектот Македонија. Вечна. се сеќавам само на чуството што тој трет дел го остави врз мене. Се чуствував исто како што се чуствував кога го гледав Dancer In the Dark. Не можам да се сетам на што размислував, но тоа сигурно не беше каква музика ќе треба да направам...

Музиката за филмот Мајки сеуште не се појавила на носач на звук. Кога можеме да ја очекуваме? Сеуште чекаме и на првиот албум на Новоградска...
Имавме договор со едена издавачка куќа саундтракот за филмот Мајки да се појави како подарок во еден нивни дневен весник, сега во очи на Берлинскиот филски фестивал. Таа куќа во моментов преживува тешки моменти и работата се одложи за некои подобри времиња. Ќе беше тоа одлична промоција на музиката за филмот која требаше да се појави во навистина завиден тираж за наши услови...
Што се однесува до другиот дел од прашањето, албум со моја авторска музика... Го спремам веќе подолго време, материјалот е веќе готов. Сум разговарал и со потенцијални издавачи на музиката, но во моментов немам конкретен одговор кога тој мој албум би се појавил во продажба.

Кажи ни нешто за твоите моментални ангажмани. На што работиш во моментов?
Во моментов работам музика за една претсава на Срѓан Јаниќиевиќ. ја работиме Шеќеразада во МНТ како дел од една приватна продукција. Во суштина не би откривал многу сега, додека сме во оваа фаза на работа. Режисерот и текстот се сосема доволни...

Сведоци бевме на твои настапи каде што покрај диџеј сет, беа вметнати и изведби на некои твои песни...
Уште кога почнала да ме интересира музика ми било јасно дека тоа што ќе го направиш мораш да го презентираш во живо. Практично, отсекогаш го правам тоа. Јас би рекол дека пуштањето музика го умиксав со изведбата на мојата музика. Кога имам услови секогаш го правам тоа и мислам дека ќе продолжам со истото. Кога ќе дојде време да се презентира албумот, сигурен сум дека ќе имам бенд.

Со неколку други домашни музичари бевте дел од проектот Порта Маседониа на германскиот музичар со македонско потекло Вељанов. Можеме ли да очекуваме нешто ново од овој проект?
Вељанов се спрема за турнеја со својот матичен бенд која што треба да се случи во месеците пред нас. Значи нема ништо ново што се однесува до тој проект, иако начелно треба да продолжиме да работиме. Отсвиревме доста концерти низ Европа, таа епизода беше и тоа како успешна. Покрај мене на тој проект свиреа и Горан Трајковски, Игор Прокиќ, Слободан Кајкут и Горан Јаневски.

Да се вратиме назад во времето. Првата половина и средината на деведесеттите години. Твојот бенд Балкан Експрес, Ајде да летаме песната што доживеа безброј ремикси низ годините...
Ми недостасува општиот ентузијазам што владееше меѓу бендовите. Мислам дека сцената тогаш беше поголема, имаше неколку категории на бендови: имаше етаблирани а имаше и неетаблирани но навистина добри бендови кои на своите настапи свиреа пред најмалку 300-400 луѓе... Балкан експрес беше дел од таа категорија. Денес немаме толку ентузијазам. Стагнираме. И тоа е жално. А имаме потенцијал, имаме музикални луѓе, дури мислам дека веќе имаме и критична маса со високо изграден музички вкус. Испадна дека го загубивме ентузијазмот што некогаш го имамвме. Тоа ми недостасува. Супер е што имам услови за домашно студио и што можам да работам што сакам - кога сакам.

Можеме и понатаму да поразговараме за паралелите македонска музичка сцена тогаш и сега... Велиш дека го изгубивме ентузијазмот. Добивме ли нешто друго можеби?
Пристап на информации. Денес се е достапно за секого. Порано требаше напор да се стигне до посакуваната музика или филм. Како придобивка на времето би го издвоил домашното студио што е навистина важно ако се занимаваш со компонирање. Многу е важно да можеш да го снимиш тоа што си го направил. Порано го немавме тој комодитет а имавме сцена која даваше бендови. На манифестации од типот на Поп-рок фест настапуваа по триесетина бендови секоја година. И тоа бендови од различни музички позадини. А имаше и некои други фестивали во други градови. Различни млади бендови што свират жанровска различна музика. Денес не е така. Младите бендови се се поретки и еднолични.

Да останеме на домашен терен. Кои се бендовите кои влијаеле на тебе? Имаш ли херои од домашната музичка сцена?
Како не, јас пораснав на музиката на Мизар на пример.. Никако не смеам да ги изоставам Бадмингтонс како претставници на панкот. Воглавно слушав бендови кои не се многу познати, би ги издвоил Плавеј...

Ќе морам да те пркинам. Плавеј? Прв пат слушам за овој бенд. За што се работи?
Плавеј. Џез. Еве да кажеме нешто како раните Сет. Дури мислам дека некои членови на овој бенд продолжија во Сет. Не би смеел да не ги споменам првите снимки на Last Expedition кои се одлични пост-панк песни. Ако збориме за херои би ги споменал и Анастасија. Ноктурнал беше навистина значајна плоча за мене.

Хипотетички. Кој е македонскиот Ол-Стар состав. Ти си на бас, кои се другите?
А морам јас на бас?

Па, не мораш. Твој е бендот...
Во секој случај би го земал Зоран Спасовски да свири на... Да свири на било што. Он нека одбере на што ќе свири. Би го земал Зоки Спасовски, дефинитивно, без размислување. Тешко прашање, изборот е голем. Колку и да звучи патриотски ние сме музикална нација. Хух, не знам какода одговорам на ова прашање, сум свирел со повеќето од нив. Би го земал и Кирил Џајковски. На сајзер. Тоа е добра постава.

музички рецензии, Лајф магазин, февруари 2011

Fujiya & Miyagi
Ventriloquizzing
full time hobby - yep roc, 2011

Новиот албум на двоецеот Fujiya and Miyagi воопшто не отстапува од претходно зацртаната траса. Фина фузија на разни музички влијанија (електронски семплови, едноставни ритми, по некој фолк елемент, препознатливи вокали) склопени во најдобрите манири на поп културата. И покрај неколкуте одлични композиции сместени на оваа плоча (Taiwanese Roots, Yoyo, Pills, Minestrone) не можеме а да не го споменеме преџвакувањето на добро познатата формула од претходните албуми. Заситувањето од истиот звук е неминовно. Како за слушателите, така и за авторите. Нешто ми кажува дека ова дуо може многу повеќе.


Nicolas Jaar
Space Is Only Noise
circus company, 2011

Николас Жар е млад композитор за кој веќе пишувавме на страниците на Life магазин. Неговото прво авторско лонг-плеј издание "Space Is Only Noise" претставува благо разочарување или ако сакате продукт под очекувањата и можностите на овој талентиран музичар. За почеток ја нема универзалноста од неговите рани дела: ужасно пријатна музика сместена врз цврст ритам - прикладна за најдобрите светски подиуми а во исто време и саундтрак за најотмените далечни ресторани. Кога на неговата музика ќе го одземеме современиот цврст ритам а ќе ги оставиме убавите мелодии нешто дефинитивно недостасува. Нико не е во посакуваната форма. Штета.


Fighting Windmills
Најсмешниот виц на светот
pmg recordings, 2011

Вториот албум на еден од најинтересните нови скопски состави, наследник на "Аграрни реформи и варијации на тема" издадеден пред неколку години за етикетата на Литиум рекордс. Првиот заклучок што сосем природно се наметнува е дека новите членови на бендот и тоа како придонесуваат во крајниот музички резултат. Изразот е различен и би се осмелил да кажам многу поинтересен од оној на првиот албум. Никако не смееме да го исклучиме и крајно опуштениот став и слободата која што овие млади луѓе си ја допуштаат при правњето на музиката и пишувањето на текстовите. Fighting Windmills е млад бенд кој сеуште се развива. Се надевам во еден стабилен бенд кој често издава албуми и внимателно го менува својот израз.


Легијата
Деценија
шурикен рекордс, 2010

Албум - компилација која треба да ја одбележи првата деценија од постоењето на Легијата, веројатно најизвиканиот домашен хипхоп состав. По извонредниот деби албум Лош ден за империјата, Легијата ни нудат компилациско издание од песни кои членовите на оваа супер-група (составена од десетина хип-хоп артисти со засебни кариери) ги имаат работено низ првата деценија од нивната заедничка работа. Тука е и актуелната нова песна на Легијата "Иди у курац", како и некои нивни необјавени песни. Гитар миксот на "Бонус трака" ни оддалеку ја нема свежината и експлозивноста на оригиналната верзија. Албум за дај-хард фановите.