Sunday, January 13, 2013

2012, The Year Makedon Broke


2012 беше тешка, траорна, заебана година. Тоа беше годината во која Македон излезе од сенката на големите заговорници кои го трујат овој народ со векови наназад... Или барем таков впечаток се добива доколку се погледнат било кои посериозни вести на некоја домашна ТВ станица. Минатата година, на политички план, беше годината кога во Македонија разно-разни лудаци добија вајлд-карта за пласирање на теории од секаков тип. Вајлд карта која им овозможи фри-пас во нашето секојдневие само зголемувајќи го хаосот на целокупното опкружување.

За сето тоа време, длабоко под земја, настрана од очите на пошироката јавност, вистинските деца на Македон прават песни кои оставаат длабока трага во мојата свест. Се надевам и во вашата. На крајот на денот, овој блог-пост е само обид за поголема популаризација на музиката која што ќе ви ја претставам овде.

Имам 34 години и за себе можам да кажам дека сум навлечен на музика. Во радио работам од 1996 година, најпрвин во едно приватно, веќе непостоечко скопско радио, а од 1999 година во 103ка. За целото ова време, мојот интерес беше насочен подеднакво кон странската и домашната продукцијата. Од 2003 заедно со пријателите од Канал 103 ја рабатам  ЗависнаЛистаТочкаМк, топ листа составена од македонска независна музика. Минатата 2012 година беше годината која за прв пат во мојот живот интересот за музиката се промени: мене денес ме интересира македонската музиката, па дури потоа странската, во некој сооднос од, да речеме, 70 напрема 30%. Македон. Моќно копиле.

За оваа прилика, направив селекција на 10+ албуми, сите издадени во 2012 година, во форма на каунт-даун и со посебен осврт на секој од нив. Искрено се надевам дека, во најмала рака, ќе ги преслушате овие плочи.
Често низ овој блог-пост ќе биде споменуван изборот на најдобар домашен албум и песна за 2012 година на Стотројка, што треба да се одржи претстојниот викенд на брановите на Канал 103 - тоа е единствениот релевантен домашен музички пресек на независната сцена за дадената година и јас лично сум крајно возбуден околу целата ситуација. Во 2012 во Македонија беа издадени 45 долгосвиречки независни изданија. Ова е мој, личен избор на најдобрите за минатата година.

12. Ego Disco - Како бран (22 Records)
Средношколскиот состав од Скопје го издаде деби албумот Како Бран, албум кој може да ви биде крајно симпатичен во својата младешка несовршеност. Ова трио сака да има поинаков пристап во правењето на песните, но повторно би ја потенцирал нивната младост и неискуство. Воопшто не би се изненадил ако веќе нивната втора плоча биде цврсто издржано албумско издание,  а зошто да не и Албум на Годината на Стотројка?

11. Culture Development - The 3 Of Us (Направи заедно)
Уште еден албум на средношколски бенд, во основа деца произлезени од хардкор сцената во Скопје. The 3 Of Us е искрена, на моменти и симпатично-наивна плоча. Двајца од тројцата членови на бендот се вокалисти и сонграјтери, Алек Костенаров (бас) и композиторот Александар Макаловски (гитара) и како нивна главна карактеристика би го издвоил потенцијалот. Потенцијалот со кој ги спраштуваат нивните концертни настапи, потенцијалот кој јасно ќе се искристализира на следните дела на бендот.

Би сакал да напоменам дека било кој од следните десет албуми би можел да биде најдобриот домашен албум за 2012 година, во зависност од аголот од кој ги гледте работите, а можеби и моменталната инспирација. Како и да е, без разлика која е вашата омилена шоља чај, следниве 10 се брутално квалитетни и целосно издржани албумски изданија, спремни да се носат со било кое светско издание претставник на дадениот жанр. Повторно Македон. Моќно копиле.

10. SIZ - Responsibility (Направи заедно)

Ивица Димитријевиќ и Филип Станчевски се дуото од Куманово виновно за Responsibility - деби албумот кој ги вбројува во редот на најкул појавите на нашата инди сцена. Настапите во живо се исклучителни, материјалот е податен за танц и добар помин. Во моментов најсилниот претставник на кумановската андерграунд сцена, дефинитивно најдобрата локална сцена по скопската. Responsibility лесно би можел да биде изненадувањето во изборот на најдобриот домашен албум за 2012 година на Стотројка.

9. Bei The Fish - At The End Of The Sand (PMG Recordings)
Од мали нозе тврдам дека Огнен Анастасовски е наjталентираниот македонски композитор. Иако ни остана должен за второто продолжение на минатогодишниот Just An Idea, на 21.12.2012 беше промовирана At The End Of The Sand, во основа, современа хард-рок плоча. И на овој L.P. се поместени квалитетни композиции кои го опејуваат секојдневното лудило. Bei The Fish сеуште се немаат закитено со ласкавата титула Албум на годината на Стотројка, а се сомневам дека тоа ќе биде и At The End Of The Sand.

8. Разни артисти - Скопје Remixed OST (PMG Recordings)

Дефинитивно најпопуларната плоча вон кругот на застојаниот воздух на андерграундот. Не знам дали и колку сте свесни, но Македон оваа година на брановите на комерцијалните радио-станици ги донесе хитовите од типот на Ние сме од Скопје, Сонична младост, Љубов во Спектар, Електричен импулс, Крвав Вардар, Илузија... Ако размислиме логично, ова лесно би можело да биде Албумот на годината на Стотројка. Самиот филм Скопје Remixed беше инспириран од македонската независна музичка сцена - па на крајот помогна и во нејзината поширока популаризација, со што се затвори еден убав круг. 

7. ХаХаХа - Сиромашни и богати (Направи заедно)

Минатогодишните победници во изборот на Канал 103 со албумот Танго Револуционер и оваа година со брутално квалитетна плоча. Песни како Пробав да се исклучам, Колку назад можеш да се вратиш ја наежуваат кожата и го запираат здивот. Директно до целта. Атанасовски секогаш претставувал уникатна појава на нашата сцена, а неговиот труд со ХаХаХа го сметам за неговото најзрело дело во досегашното творештво. Познавајќи ги музичките афинитети на колегите критичари од Стотројка - ХаХаХа и нивната Сиромашни и богати е најсериозниот кандидат за Албум на годината 2012.

6. Фолтин - Антитело (М.К.Ц.)
Битолчаните кои во својата блескава музичка кариера сеуште не се закитиле со ласкавата титула Албум на годината на Стотројка. Се сомневам дека ова е плочата со која ќе го направат тоа, иако искрено се надевам дека грешам. Како и да е, Фолтин е бенд со уникатен музички израз и секој нивни нареден албум, барем од мене, е дочекуван со исчекување и возбуда. Секогаш ми е интересно да слушнам што овие луди битолчиани направиле - поготово во последниве години, кога веќе сите нивни песни се на македонски јазик. Антитело е плоча е која трае само 15 минути - уште еден доказ дека македонските бендови ослободени од стегите на комерцијалните издавачи и нивните правила, демонстрираат високо ниво на опуштеност т.е. прават што сакаат. Двојка според мене е најуспешната композиција на овој L.P., уште еден во низата уникатни изданија на овој бравурозен состав.

5. Да Џака Накот - Божјиот прототип (Шурикен рекордс)

Албум со висока шанса за победа на годинешниов избор, велат некои од букмејкерите. Со право би рекол. Да Џака Накот сними плоча која мошне внимателно го пресликува хип хопот во македонсата култура: семплови од богатата македонската поп историја со стихови директно извадени од нашата реалност. Минатогодишната најдобра песна според изборот на Стотројка - Ода на гадоста е сместена на овој албум, како и некои други одлични примери како би требало да изгледа автентичен локален рап. Можеби звучи насилено, но македонскиот рап никогаш не звучел подобро. 

4. The John - Waufvw!!!! (PMG Recordings)

Според многумина најдобрата македонска плоча за 2012 година, и дефинитивно една од моите омилени. Вториот L.P. на бендот нуди различен музички пристап од неговиот претходник (Waufvw!!!! е албум со современ Роцк израз), но и овој пат колекција на хитови карактеристични за младиот Ангелов и пријателите. Ујка Реља, 24-/7, Само да рока веќе се масивни скопски андерграунд хитови а популарноста на бендот е во нагорна линија. Не ги пропуштајте кога свират во ваша близина, ебат без кондома, нели... Една убава музичка приказна.

3. Тоni Kitanovski, Greg Hopkins & Friends – Boston (Skopje Jazz Festival)

Господинот Тони Китановски е маркантна фигура на современата македонска џез сцена. Неговиот последен објавен авторски труд - албумот Boston е исклучително издание кое во себе носи фантастична свежина. Реализирано е со помош на Пријателите - плејада на одлични домашни музичари меѓу кои главно место зазема американскиот трумпетист Грег Хопкинс. Одличен албум, но сепак, доколку мислите да се опкладите кај вашиот букмејкер за оваа плоча како победник на изборот на Стотројка за 2012 година - зачувајте си ги парите.

2. Mooger Fooger - Lа Kanja (ANDO)
Сеад Хаџиќ - Сецко со нов L.P. на Mooger Fooger, повторно брутално квалитетна рокенрол плоча која што покажува како отприлика би требало све да звучи. Автентичен скопски рокенрол, плејада на музички таленти (Горан Трајкоски, Сашко Костов, Ади Имери....) кои заедно со главниот волк се виновни за некои од најдобрите македонски композиции за 2012 година. Ново Лисиче и Разбуди ме се пример за тоа како треба да звучи македонскиот рокенрол....  Како и секоја година, така и оваа Mooger Fooger се едни од главните претенденти за Албум на годината на Стотројка. La Kanja тоа и го заслужува.

1. PMG Kolektiv –Klan Secular (PMG Recordings)

Да го тргнеме фактот што свирам во овој бенд, Klan Secular е целосно авторско дело на Мирко Попов и Синиша Евтимов и исто како и останатите музики за кои пишувам тука ги добив како готов производ. Klan Secular, петтиот по ред албум на PMG Kolektiv е најзанимливиот домашен L.P. за 2012 година од повеќе причини: Мирко Попов е најдобриот домашен поет, работите кои тој ги кажува во своите песни и се разбира, начинот на кој го прави тоа го издвојува од останатите; неговото конзистентно занимање - слушање музика т.е диџеј, го прави целосно фокусиран кон тоа како неговиот краен музички продукт да биде свеж во кој било поглед. Или пак опасно се труди да го постигне тоа. Како и да е, неговиот пријател, и во случајов ко-автор Синиша Евтимов одлично успева да го обликува крајниот продукт, дали со маусот, гитарата, басот или клавијатурата. Двоецот Попов/Евтимов станува одличен авторски пар, синоним за напредна музика со широко значење и повеќе слоеви. Klan Secular е исклучително компактна целина, плоча која што е преполна со оптимизам и искрена желба за прогрес. Има тука некои одлични композиции: Овде црква, Ние сме луѓе, С'лнце или зимо, 9, Играј, Последната битка... а пред нас тек следат возбудливите моменти и изведбата на овој материјал во живо. Ах, да. Легендата вели дека PMG Kolektiv ќе бидат во потесниот круг на фаворити за освојување на ласкавото признание Албум на годината на Стотројка со нивниот деветти албум.

+ бонус трака

Милко - Луѓе (PMG Recordings)
Го пишувам овој блог и го слушам деби албумот на Милко - Луѓе, мојот омилен инди рок состав од Скопје конечно го издаде својот деби албум - се појави во втората недела од оваа година па е вон конкуренција. По двете одлчни E.P. изданија и непланираниот сет-бек со позицијата басист во бендот, еве ги назад послини од кога и да е: 10 композиции, повеќето нови, отпеани на македонски јазик, од кои како лични фаворити би ги издвоил Како си стари, Без Излез, како и мојата омилена постара Милко песна She Knows Everyone. Како и да е, го добивме првиот претендент за најдобар домашен албум за 2013година. Македон, повторно. Реков веќе, моќно копиле.