Tuesday, June 7, 2011

ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ за МАРТИН НЕШКОВСКИ (убиен на 21 годинa)

Понеделник, 6ти јуни. 4 и 30 попладне. Коа си дојдов од работа, кај Сашка у дечја, отворив твитер и прочитав еден твит засилен со линк од вест објавена на Макфакс. Помалку исплашен од целата вест (штуро полициско соопштение, издадено во понеделник околу пладне во кое се вели дека доцна во ноќта во неделата во Центар (тоа е Скопје, нели) било пронајдено мртво тело на момче на возраст од околу 23 години. На телото немало знаци на насилство. И се би било сосема океј, доколку на штурата владина информација не изреагирала една наша млада новинарка која што рекла дека претходната ноќ била сведок на брутално насилство на речиси истата локација каде што е пронајдено телото. Новинарката веднаш е сослушана од полицијата. Кога неколку саати поодцна пред ТВ камери Иво Котевски е запрашан за наводната полициска бруталност вели дека нема таква информација и се труди да ги раздвои случаите. Или лаже, или нема комуникација во полицијата. За овој настан не се зборува на попладневните вести на Канал 5 (17 часот) и Сител (18 часот). Во 18 и 30 веќе бев во Парк бидејќи твитер заедницата веќе знаеше дека постои убиство кое се обидува да се заташка како несреќен случај. Почнавме да собираме потписи за распуштање на единицата за брза интервенција Алфи и барање за расветлување на случајот. Еднаш и јас имав средба со таа единица. Ме застанаа како на филм и ми ја претресоа цела кола. Прво ме прашуваа од кај сум ги украл звучниците (правевме журка и јас ги носев звучниците на Оги кај Буцко). После бараа дрога, не ја најдоа и си отидоа. Притоа зе закануваа да си кажам све сам кај ми е пошо ќе јадам ќутек коа ќе го најдат. Енивеј, непријатна епизода. Околу 20 и 30 групата се упати кон плоштадот Македонија а јас отидов дома. Пред да си легнам ги изгледав сите вести. Јасно се виде кој е кој. Владините медиуми, да не ги повторуваме, велеа дека се шпекулации наводите за полициска бруталност и ја подржуваа владината верзија на настанот.
Вторник сабајле. На твитер сите викаат дека некако исчезнале ФБ групите за настанот. Незнам, неам ФБ. Нов протест закажан во 16 часот пред куќата на Мајка Тереза ( а-је!). Морам да излезам од канцеларија и веќе немам пристап на интернет се до 15 и 30. А таму цел куп нови инормации, тотално лудило: на телото, сепак, имало траги на насилство, починатиот не е Даниел од Ѓорче Петров туку Мартин Нешковски, сочуство до неговите блиски. Пред неколку часа и убиецот, полицаец, припадник на единицата Тигри го признал делото и сам се пријавил кај својот старешина. Иако не бил Алфа, сепак моето мислење за Алфите останува исто: сум ги видел на своја кожа и морам да кажам дека нема потреба за таков третман на полицијата кон своите граѓани. И немам никакви илузиии: знам дека полицијата постои за владата, а не за народот - но сепак, некое цивилизирано ниво (21век сме да му ебем матер) мора да постои.
Втроник 16 и 30. Пак сум на протест. Многу сме. Пар кругови низ центар и средба со полицајци во панцири кои го имаат опколено МВР. Убаво да се види, спремни се. Пак напуштам предвреме, морам уште во 5ипол сабајле да бидам на работа. Гледам вести. Иво Котевски вика дека има убиство и дека има убиец. Мајката на Мартин е исто така на ТВ. Зборува трагични работи. Ја разбирам, го изгубила синот а не ни знаела... Ја нема министерката, го нема премиерот. Има припадник на единицата Тигри кој го признал делото. Крај на приказната?
Ајде сега да видиме што имаме тука. Не сум експерт за право, но мислам дека и не морам да бидам. Иво Котевски едниот ден вели едно другиот друго. Тоа е затајување - ако знаеме дека се работи за убиство. Кривична пријава. Кривична е протребна и за полицаецот - убиец иако го признал делото. Потребно е да се утврди дали бил на службена должност и што таа должност опфаќала. Ако е тоа партиски активизам тука би морало да следува оставка на премиерот. Понатаму, сведоците посочуваат и кон уште неколку полицајци кои асистираат да се тргне телото од местото на убиството. Тоа е соучество во убиство. Морална одговорност и оставка од министерката нема бидејќи во моментот се наоѓа на депилација. Ако нема од неа сигурно нема и од премиерот. Зезнато, а? А ако некој помисли дека застапувам СДСМ шема веднаш да го натерам два блога подоле: они се тотални идиоти без трунка визија. Извинување до нормалните читатели - морав да се дистанцирам. Ок, до кај стигнав?
А, да. Страв ми е. Страв ми е за себе затоа што знам дека јас можев многу лесно да бидам Мартин. Страв ми е и све ова да го објавам онлајн. Свесен сум за моќта на државниот апарат и можните последици. Но, кога станува збор за политичката припадност се сметам себе за либерал и мислам дека слободата на говор е у пичку матер важна.
Протест е закажан поворно за утре во 18 часот. Што понатаму, освен барањата за задоволување на правдата? Имаме ли ние сила (пар иљади млади луѓе) да го смениме системот и да не дозволиме ова да се случи никогаш повеќе? Се разбира дека не можеме: секоја држава во основа е полициска и таа често се бави со валкани игри и тука неможеме ништо да направиме. (Кога се води држава совршено е јасно дека некогаш некој мора да биде заштитен). Дај боже да грешам, ама тешко малце: јас немам илузии дека во мојот животен век ќе видам промена на општеството. Знаете она, доба на Водолија, мир, хармонија, лепота... Но, се чуствувам повикан и морам да се борам за некои основни права и поставување на каква - таква црвена линија преку која не се може. Не за насилство, Не за полициска бруталност. Државата би морала да се бави со серизни прашања а не со убивање на својата младина.
Еве ми ја дилемата: дали можеби треба да ја реализирам неколку години старата идеја: да ги соберам паметните другари и другарки кои се околу мене и заедно да формираме една вистинска, со јасни ставови изградена Либерална партија. Да направиме партија и без влакна на јазикот да се пробаме со лошите момци. На избори, што би рекол Бранко. Ама дечки, јас свирам во бенд, јас пуштам музика на радио, јас не сакам овој живот да го посветам на политика. Како да се поставам?