Saturday, August 13, 2011

зошто да напишеш блог?

Тука нема цензура. Тука нема шефови. Тука има уличен јазик. Тука може да се пцуе. Тука може со прст да се покажува по виновниците. Текстот објавен тука може да го прочитаат многу луѓе. Тука може да се каже дека Никола Груевски, Бране Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Киро Глигоров заедно со нивните најблиски соработници се најголемите македонски предавници во моментов. Тука можеш да кажеш и дека Латас е пичка. Интернетот е твоето најсилно оружје. Искористи го! Паметно.

Wednesday, August 10, 2011

скопје е градот што го сакам, за вардар јас живеам...

можеш да го убиеш тимот, но не можеш да го убиеш духот.

Имаме проблем. Вардар испадна од првата македонска фудбалска лига. Но, со пар валкани потези ете ги назад во елитното друштво. Вчера го одиграа првиот меч пред домашна публика. Противник им беше тимот на Работнички, најсветлата точка во домашниот фудбал во полседниве неколку години. Вардар победи еден спрема нула. Пред повеќе од 10 000 гледачи, сите навивачи на Вардар. Навивачи на Работнички немаше -затоа што тие не постојат.

Роден сум во Скопје. Кога прв пат бев на стадион гледав меч од првата југословенска лига. На гости ни беа Хајдук, еден од тимовите на големата четворка. Вардар победи 3:2. Вардар имаше повеќе од играта. Хајдук водеше 2:1 кога цел стадион почна да скандира „управа шиткачи“. Пресврт на резултатот и победа на крајот. Одушевување на Градски стадион. Убав спомен од безгрижното детство.
Многу години подоцна, во сезоната 2010/2011 Вардар е закотвен на дното, заедно со Пелистер. Последно коло на првенството. Вардар го пречекува кичевски Напредок. Пак сум на истиот стадион, сега со нов изглед и ново име. Дојден сум да го испратам тимот што го сакам во Втората лига. Јеби га, тоа е фудбал: win some, lose some. Разочарување на стадионот: не повеќе од 300 гледачи на еден така значаен меч. Победа на Вардар од 1:0 за достојно збогување со елитното фудбалско друштво. Втора лига е наша. Веројатно брзо ќе се вратиме со поорганизирана структура внатре во клубот. Веројатно од све ова ќе се извлече и некоја поука.
Неколку недели подоцна целосно разочарување: Вардар ќе направи фузија со Миравци (Ф.К. од истоименото гевгелиско село кој регуларно со добри настапи во втората лига стекнува право на настап во најелитното друштво) и повторно ќе настапува во првата лига. Бесен сум. Разочаран и исфрустриран. Ги мрзам Вардар, жал ми е за младиот тим на Миравци. Ка-та-стро-фа. По средбата со еден постар другар и разговорот со него малку се смирувам: валканите игри се тука, факт. Но, што понатаму? Да оставиме бесот да надвладее и да го игнорираме тимот на своето детство? Да го заобиколуваме тимот за кој навивале и нашите родители? Ок, ајде ќе го направиме тоа. За кого да навиваме? За Работнички, нели. За најсветлата точка во мак фудбалот во последниве години (редовно играње во кваликациите за Купот на УЕФА (Лига Европа). Башка, успешни се, играа со Болтон, играа со Ливерпул, тукушто се изборија за двомеч со Лацио. Како секој нормален љубител на фудбалот, одам на стадион, го гледам тимот, навивам.... Но, чудно е. Многу е чудно. Ф.К. Работнички нема навивачка група. Присутните на стадионот скандираат „Македонија, Македонија“. Од немајкаде со другарите на стадион ја формираме и навивачката група „академска публика“. Јасно е дека овој тим на Работнички не располага со некој голем буџет (семејството Костовски одамна не се нивни спонзори). Сепак успеваат да ни приредат натпревари со некои добри европски клубови. Чудно е што раководството на овој клуб не обрнува внимание на тој факт. Имено, публиката може и да биде создадена, или да употребам посилен збор - таа може да биде измислена. Начини има милион, све што нема е визија за еден целосно функционален фудбалски клуб. Мала порака до раководството на клубот: размислете на темата, најдете млади деца кои сакаат да гледаат фудбал и формирајте навивачка група. Просто е. За пет - шест години веќе ќе имате стабилно навивачко тело.
Да се вратам на Вардар. Дерби на второто коло. Противник, токму Работнички. Победа од 1:0. Но тоа е најмалку битно. Она што сакам да го потенцирам е новата генерација Комити - деца на нивни 16-17-18-19 години. Пеат на цел глас низ сите 90 минути од мечот. Прекрасна атмосфера на стадионот. Ги гледав Работнички против Анортозис неколку дена претходно. Едниот беше вистински фудбалски меч со фантастична атмосфера, а другиот имитација на живот - досада и зачмаеност на трибините и во двете продолженија и покрај пласманот во следното коло. Публиката е составен дел од секој фудбалски меч. Публиката јасно покажува дали и колку го сака својот тим. Новата генерација Комити ми покажа дека духот на Вардар е сеуште жив. Просто е - тие самите се духот на Вардар. И јас заедно со нив. И Стојан и Љупа и Ива и Сашка. И наеднаш за време на мечот стана јасно како ден: што ме боли кур за корумпираната управа на ФК Вардар? Што ме боли кур за ситното мито на кое што се согласило водството на ФК Миравци и го отстапило избореното место во првата лига? Што ме боли кур за Работнички и нивните успеси во последниве неколку години? Што ме боли кур за Харалампие Хаџиристески и неговиот дел од митото од целокупниот дил меѓу Вардар и Миравци? Ма што ме боли кур и за доброинформираните млади луѓе кои не можат да пројдат преку неправдата и почнуваат да го мрзат клубот кој го сакале додека растеле? Господа во костуми и кравати, да вие што по разно разни македонски биртии го ситните угледот и кешот на екипите: можете да го убиете тимот, но никогаш нема да го убиете духот. Духот на тимот е во неговите навивачи а овие млади деца и тоа како имаат дух. Новата генерација Комити со невидена леснотија успеаа да ме натераат да заборавам на минливите ситно-крадачки интереси и да се соочам со мојата вистина за македонскиот фудбал: Скопје е градот што го сакам, за Вардар јас живеам. Дојдете да го гледате Вардар како домаќин во следната прилика. Препорачувам. Мртов озбилен.

Tuesday, June 7, 2011

ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ за МАРТИН НЕШКОВСКИ (убиен на 21 годинa)

Понеделник, 6ти јуни. 4 и 30 попладне. Коа си дојдов од работа, кај Сашка у дечја, отворив твитер и прочитав еден твит засилен со линк од вест објавена на Макфакс. Помалку исплашен од целата вест (штуро полициско соопштение, издадено во понеделник околу пладне во кое се вели дека доцна во ноќта во неделата во Центар (тоа е Скопје, нели) било пронајдено мртво тело на момче на возраст од околу 23 години. На телото немало знаци на насилство. И се би било сосема океј, доколку на штурата владина информација не изреагирала една наша млада новинарка која што рекла дека претходната ноќ била сведок на брутално насилство на речиси истата локација каде што е пронајдено телото. Новинарката веднаш е сослушана од полицијата. Кога неколку саати поодцна пред ТВ камери Иво Котевски е запрашан за наводната полициска бруталност вели дека нема таква информација и се труди да ги раздвои случаите. Или лаже, или нема комуникација во полицијата. За овој настан не се зборува на попладневните вести на Канал 5 (17 часот) и Сител (18 часот). Во 18 и 30 веќе бев во Парк бидејќи твитер заедницата веќе знаеше дека постои убиство кое се обидува да се заташка како несреќен случај. Почнавме да собираме потписи за распуштање на единицата за брза интервенција Алфи и барање за расветлување на случајот. Еднаш и јас имав средба со таа единица. Ме застанаа како на филм и ми ја претресоа цела кола. Прво ме прашуваа од кај сум ги украл звучниците (правевме журка и јас ги носев звучниците на Оги кај Буцко). После бараа дрога, не ја најдоа и си отидоа. Притоа зе закануваа да си кажам све сам кај ми е пошо ќе јадам ќутек коа ќе го најдат. Енивеј, непријатна епизода. Околу 20 и 30 групата се упати кон плоштадот Македонија а јас отидов дома. Пред да си легнам ги изгледав сите вести. Јасно се виде кој е кој. Владините медиуми, да не ги повторуваме, велеа дека се шпекулации наводите за полициска бруталност и ја подржуваа владината верзија на настанот.
Вторник сабајле. На твитер сите викаат дека некако исчезнале ФБ групите за настанот. Незнам, неам ФБ. Нов протест закажан во 16 часот пред куќата на Мајка Тереза ( а-је!). Морам да излезам од канцеларија и веќе немам пристап на интернет се до 15 и 30. А таму цел куп нови инормации, тотално лудило: на телото, сепак, имало траги на насилство, починатиот не е Даниел од Ѓорче Петров туку Мартин Нешковски, сочуство до неговите блиски. Пред неколку часа и убиецот, полицаец, припадник на единицата Тигри го признал делото и сам се пријавил кај својот старешина. Иако не бил Алфа, сепак моето мислење за Алфите останува исто: сум ги видел на своја кожа и морам да кажам дека нема потреба за таков третман на полицијата кон своите граѓани. И немам никакви илузиии: знам дека полицијата постои за владата, а не за народот - но сепак, некое цивилизирано ниво (21век сме да му ебем матер) мора да постои.
Втроник 16 и 30. Пак сум на протест. Многу сме. Пар кругови низ центар и средба со полицајци во панцири кои го имаат опколено МВР. Убаво да се види, спремни се. Пак напуштам предвреме, морам уште во 5ипол сабајле да бидам на работа. Гледам вести. Иво Котевски вика дека има убиство и дека има убиец. Мајката на Мартин е исто така на ТВ. Зборува трагични работи. Ја разбирам, го изгубила синот а не ни знаела... Ја нема министерката, го нема премиерот. Има припадник на единицата Тигри кој го признал делото. Крај на приказната?
Ајде сега да видиме што имаме тука. Не сум експерт за право, но мислам дека и не морам да бидам. Иво Котевски едниот ден вели едно другиот друго. Тоа е затајување - ако знаеме дека се работи за убиство. Кривична пријава. Кривична е протребна и за полицаецот - убиец иако го признал делото. Потребно е да се утврди дали бил на службена должност и што таа должност опфаќала. Ако е тоа партиски активизам тука би морало да следува оставка на премиерот. Понатаму, сведоците посочуваат и кон уште неколку полицајци кои асистираат да се тргне телото од местото на убиството. Тоа е соучество во убиство. Морална одговорност и оставка од министерката нема бидејќи во моментот се наоѓа на депилација. Ако нема од неа сигурно нема и од премиерот. Зезнато, а? А ако некој помисли дека застапувам СДСМ шема веднаш да го натерам два блога подоле: они се тотални идиоти без трунка визија. Извинување до нормалните читатели - морав да се дистанцирам. Ок, до кај стигнав?
А, да. Страв ми е. Страв ми е за себе затоа што знам дека јас можев многу лесно да бидам Мартин. Страв ми е и све ова да го објавам онлајн. Свесен сум за моќта на државниот апарат и можните последици. Но, кога станува збор за политичката припадност се сметам себе за либерал и мислам дека слободата на говор е у пичку матер важна.
Протест е закажан поворно за утре во 18 часот. Што понатаму, освен барањата за задоволување на правдата? Имаме ли ние сила (пар иљади млади луѓе) да го смениме системот и да не дозволиме ова да се случи никогаш повеќе? Се разбира дека не можеме: секоја држава во основа е полициска и таа често се бави со валкани игри и тука неможеме ништо да направиме. (Кога се води држава совршено е јасно дека некогаш некој мора да биде заштитен). Дај боже да грешам, ама тешко малце: јас немам илузии дека во мојот животен век ќе видам промена на општеството. Знаете она, доба на Водолија, мир, хармонија, лепота... Но, се чуствувам повикан и морам да се борам за некои основни права и поставување на каква - таква црвена линија преку која не се може. Не за насилство, Не за полициска бруталност. Државата би морала да се бави со серизни прашања а не со убивање на својата младина.
Еве ми ја дилемата: дали можеби треба да ја реализирам неколку години старата идеја: да ги соберам паметните другари и другарки кои се околу мене и заедно да формираме една вистинска, со јасни ставови изградена Либерална партија. Да направиме партија и без влакна на јазикот да се пробаме со лошите момци. На избори, што би рекол Бранко. Ама дечки, јас свирам во бенд, јас пуштам музика на радио, јас не сакам овој живот да го посветам на политика. Како да се поставам?

Tuesday, May 17, 2011

ПОСЛЕДНАТА ЖИВА РОЗА

PJ HARVEY
Let England Shake
(Island, 2011)

Поли Џин Харви е една од најинтересните композитори на денешницата.
Нејзиниот талент е неспорен, јасно видлив уште од нејзините први
чекори, направени со помош на малата независна лондонска издавачка
куќа Too Pure во почетокот на деведесетите години од минатиот век. Оваа година се навршуваат дваесет години од издавањето на нејзиниот прв сингл. За тоа време Поли Џин Харви воопшто и не застана. Музичар кој не сака да се повторува, па затоа нејзините албуми претставуваат целосно различни музички доживувања. Секој нејзин нов албум е приказна сама за себе: нов музички дискурс за новите композиции. Доколку би морал да избирам (за помладите, нели!) би ги издвоил: деби албумот „Dry“ од 1992, потоа „Rid of Me“ од 1993, „Is This Desire?“ од 1998 и се разбира „Stories From The City, Stories From The Sea“ од 2000-та година. Кариера која непрестајно се развива и речиси цело време зацртува нови траси. Пред да се задржам на новото албумско остварување на Поли Џин, да ја споменам и кратката љубовна врска со Ник Кејв од средината на деведесеттите години - нешто што наликуваше на вистинска музичка романса.

„Let England Shake“ е нејзиниот осми по ред студиски албум. Вибрантно и возбудливо остварување кое со себе носи едно мачно чуство - дека тлото под нозете почнува да се тресе и станува јасно дека тоа баш и не е така стабилно. Песни директно инспирирани од и посветени на нејзината родна земја Англија - со јасен коментар и цврст став за англиските позиции во светот и сегашната поставеност на општеството на глобално ниво. 12 композиции со траење од четриесетина минути исполнети со тага, бес, летаргија. Насловната „Let England Shake“ експлозивно го отвора овој албум чијашто прва половина (читај: А-страна) е многу повозбудлива. Албумот е снимен зедно со нејзините долгогодишни соработници Џон Париш и Мик Харви во април и мај минатата година. Во некои од своите изјави пред појавувањето на албумот, видно возбудена, Пи Џеј Харви вели дека се работи за значајно скршнување во нејзината кариера и продукт кој се разликува од сѐ што досега снимила. Веројатно главното музичко обележје на овој албум е новата љубов на Пи Џеј – инструментот аутохарфа, присутен низ речиси сите песни. Ако посочуваме кон позанимливите композиции на овој албум, тоа дефинитивно би биле „The Last Living Rose“, „The Glorious Land“, „The Words That Maketh Murder“…
„Let England Shake“ е плоча којашто го отсликува духот на времето. Тоа, без двоумење е главната работа на било кој даден уметник. Поли Џин Харви израсна во музичар кој бега од медиокритетските клишеа кои ги диктира глобалната музичка индустрија и успева со сопствената музика да остави печат на времето во кое живееме.


КОЏАБАШИЈА, ФОЛТИН, СТЕВКОВСКИ
Penelope X
(Литиум, 2011)
Колаборација на домашни музичари кои се пресреќни што имаат прилика да работат заедно. Проект инициран од Никола Коџабашија, а ентузијастички прифатен од Фолтин и тапанарот Гоце Стевковски, снимен на самиот почеток на минатата година. Кратко, триесет минутно остварување кое и тоа како потсетува на Фолтин и нивниот уникатен музички израз. Сепак, поголемиот дел од композициите на оваа плоча се авторско дело на Никола Коџабашија, композитор којшто веќе некое време живее и работи во Лондон. Соработката со Фолтин делува сосема природно, како да се работи за одамна изгубениот член на битолскиот состав. „Penelope X“ е интересно остварување коешто нема да ве остави рамнодушни.

ЉУБОЈНА
Ljubojna in Life
(LIFE магазин, 2011)
Љубојна е единствениот домашен состав кој на оригинален и уникатен начин го инкорпорира македонското музичко наследство во сопствената музика. Без никакво силување на народниот мелос (не постои нивна верзија на „Јовано, Јованке“ на пример), туку напротив – внимателно користење на музичкото наследство од овие простори во создавањето на нивните композиции. Се работи за концерт снимен во живо, отсвирен минатата година во Универзалната сала во Скопје. Отсвирен одлично, овој концерт со себе носи и еден „панк“ сензибилитет кој нема да го забележите на нивните студиски снимки. Во исчекување на новиот материјал на Љубојна, уживајте во „Ljubojna In Life“, подарок за верните читатели на нашиот магазин.


МУЗИЧКИ РЕЦЕНЗИИ, Life Магазин, април 2011.

Sunday, May 8, 2011

Јас сум новинар, јас пушам кур!

-неколку збора за смртта на една професија-

Пардн мај френч, што би рекла Кармела Сопрано. Тоа е единственото извинување кое што ќе го понудам во текстов. Се друго ќе бидат прашања и директни навреди кон припадниците на "седмата сила" (ау!, колку тоа глупаво звучи!).

Ќе започнам со социјалната мрежа твитер како едно стварно кул место на кое следам како некои млади луѓе размислуваат за работите кои не опкружуваат. И јас таму без никаква цензура ги истурам сопствените погледи за животот, вселената и све друго (можете да ме најдете под името @gatscho). Освен што е збавно, знае да биде и крајно едукативно. Знаењето МОРА да се споделува а оваа социјална мрежа случајно или намерно го овозможува токму тоа: комуникација и размена на знаења и искуства. Пред неколку месеци, понесен од медиумската војна кај нас, во наплив на бес, без многу објаснување, упатив навреди кон некои наши новинари кои безобзирно своите коментари ги насочуваа кон навредување на една и величање на друга политичка опција. Имено, новинарот во ниеден случај не би смеел некого да фаворизира, а најмалку константно да фаворизира одредена опција. Новинарот е истражувач, а секој добар истражувач никогаш не се задоволува само со една верзија на настанот. Во тие неколку твита, целата ситуација ја споредив со новинарите во светот, кои исто како и овие нашиве, имаат пуна уста кур. Објаснувањето е навистина едноставно. Земете ја за пример СиЕнЕн, највлијателната светска ТВ станица. Нејзините новинари ги следат ЕДИНСТВЕНО владините верзии на настаните, без притоа нималку да излезат од верзијата понудена од владините кабинети (освен кога не е во пршање некој режим кој во моментот е на тапет, па тогаш се пренесуваат соопштенјата на бунтовниците т.е. добрите момци). Споредете го објаснувањето за рушењето на кулите близначки на пожарникарите од местото на настанот, со официјалната верзија на Белата куќа и потоа размислете каде се новинарите во целата приказна. Дејвид Ајк овој однос на новинарите го објаснува со два збора: цензура и автоцензура. Имено, во СиЕнЕн работи ол-стар екипа на новинари од целиот свет, толку удобно сместени во својата функција на продолжена рака на владините агенди што не ни помислуваат да излезат од зададените рамки. Тие се занимаваат со автоцензура, нив никој не мора да им ги цензурира текстовите затоа што тие ги знаат правилата на играта: знаат за што смеат а за што не смеат да пишуваат. Независни новинари повеќе не постојат. Постојат само истражувачи чии што информации не се објавуваат во мејнстрим медиумите. Тие што истражуваат и стигаат до верзија различна од онаа владината веднаш се етикетираат како "непријатели на државата" или како "теоретичари на заговори". Кај нас, тие што истражуваат (единствено неделникот Фокус го прави тоа) се етикетирани како "жолт печат". Во Македонија, истражувачите имаат проблем и со табороидите (јасно дефинирани од @woona во неговите твитови на споменатата социјалната мрежа): ако зборуваш против Бранко - мора да си за Грујо и обратно. Секоја конструктивна критика е распрскана од страна на табороидите и веднаш е етикетирана како "комуњарска" или "вмровска".

Новинарите, не само кај нас туку и на глобално ниво, се претворија во покорни слуги на владините агенди. Тие што сеуште истражуваат и ги објавуваат информациите без цензура не се новинари затоа што не работат за ниедна новинска агенција. Просто ко грав.

Се разбира дека постојат новинари на кои што им е соврешено јасно каква е ситуацијата и која е нивната работа. Но, тие се толку малку што веројатно не мораше ни да бидат спомнати тука.

Да се вратиме кај нас уште малку и да ги разгледаме криците на домашните новинари расфрлани низ медиумските куќи. Ај да почнеме со Борјан Јовановски, еден од најугледните новинари кај нас, сосема удобно сместен во својата улога, како отворено ни кажува на ТВ дека во Македонија постојат теми за кои се знае дека не смее да се пишува. И тука разговорот завршува! Па, барем да споделеше со нас кои се тие теми и зошто тоа никој не смее да пишува за нив?! Или пак да отидеме до Сител и да го видиме Латас во контактна емисија, целосно опуштен со Волчица у скут (патем, толку целулит ја у живот неам видено!), како ноншалатно кажува дека они (новинарите) и политичарите се всушност партнери и ја играат истата игра... Што тоа значи? М? Да продискутираме ли воопшто за Миленко? Тој во една од своите последни емисии велеше за себе дека е македонски тренд-сетер бидејќи сега во сите домашни ток шоуа во сценографијата има книги - нешто што тој прв го направил. Нивото тука е слично на она на Зевзекманија, па подобро ќе биде воопшто да не дискутираме за него. Или пак Иво Котевски, кобајаги млад и надежен новинар кои на негови рани триесети години пренесува владини соопштенија и недвосмислено работи за нив! М? Добра плата? Да зборуваме ли за купиштата деца-новинари, новопроизведени медиокритети, штотуку излезени од факултет, уништени од образовниот систем, како по налог на своите уредници влегуваат во оган и се жртвуваат за одредена политичка опција? Можеби да го спомнеме Јанко Илковски кој за себе вика дека не е новинар, но сепак е сместен во скутот на четирите "свети" букви со додавката ДПМНЕ? Толку е удобно сместен во своето гнездо што секој ден е се подебел и подебел. Во политичката сцена кај нас јасно се гледа испреплетеноста на функциите и цврстата коалиција што е на власт и не јебе еве веќе повеќе од дваесет години. Добитна коалиција: куп лажговци на едно место - едните во улога на политичари, другите во улога на новинари. Сите, непрекинато лажат. Некогаш толку лошо што боли.

Имам две прашања: ќе почнеме ли да зборуваме без цензура и ќе им кажеме ли отворено на нашите сограѓани дека Бранко Црвенковски, Никола Груевски заедно со нивните најблиски соработници од една и новинарите од друга страна се најголемите предавници во современата македонска историја? Или да почекаме уште малку, можеби изборите ќе донесат промена...

Wednesday, April 6, 2011

Зборови волшебни

Концерт на „Архангел“ и „Фолтин“, „Mетрополис арена“, сабота 12-ти февруари 2011

Добро е кога македонските бендови свират концерти. Фантастично е кога тие концерти се масовно посетени. Одлично е кога се пишуваат песни на македонски јазик и потоа тие песни стануваат хитови. Најдобро, во секој случај е кога домашните хитови се добри песни. Кога пак, добар домашен бенд свири пред неколку илјадна публика можеме да кажеме и дека сме ја постигнале поентата: квалитетна музика наменета за широките маси. Вистинска, сопствена поп-култура

Мини фестивалот со наслов „Македонски подобро звучи“ беше организиран од страна на продукцијата „Јованов“. Многумина дај-хард обожаватели беа збунети од оваа колаборација: Јован Јованов од една и Ристо Вртев и „Фолтин“ од друга страна. Би рекол ништо неочекувано. Напротив. Во секој случај, еден успешно организиран концерт кој привлече навистина огромно внимание кај публиката која што ја наполни „Метрополис арената“.

„Фолтин“ ја имаа ‘честа’ да настапат први и со краток сет да ја загреат публиката за настапот на „Архангел“. Со првите секунди од настапот на „Фолтин“ (87, песна од нивниот сè уште последен официјален албум „Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“) стана јасно дека звукот и светлото во салата се речиси совршени, а бендот расположен да покаже што знае. „Фолтин“ дефинитивно е најдобриот македонски бенд во моментов. Со петнаесет годишна непрекината работа зад себе, 5 студиски албуми, многу концерти и постојани музички ангажмани. Резултатот видлив на сцената. Како на овој краток, педесет минутен настап, а особено на кој било нивни целовечерен концерт. „Фолтин“ всушност се најдобриот пример за тоа како треба да се работи. Напорно и константно.

Не би сакал да правам широка паралела на двата бенда и нивните настапи, но кратко би забележал: константната работа на „Фолтин“ им овозможува кондиција за беспрекорни целовечерни концерти. Од друга страна, кампањската работа на „Архангел“ придонесува кон слабата кондиција. Иако таа овде се однесува само на лидерот на бендот Ристо Вртев. Останатите членови на оваа постава на „Архангел“ (Дарко Мучев на бас-гитара, Гоце Стефкоски на тапани и Џијан Емин на втора гитара и клавијутури) се музичари кои цело време свират во разни проетки, па немаа никаков кондиционен проблем низ двочасовниот настап. Драган Гиновски-Гино, како и секогаш, повлечен и во сенка, но со уникатната боја и мелодија на неговата гитара - вечниот следбеник на волшебните стихови на Ристо Вртев.

По фантастичната најава на битолските херои: „‘Архангел’, во една реченица, најдобриот брак помеѓу македонскиот јазик и рокенролот“, следуваше настапот на „Архангел“ кој беше одлично прифатен од посетителите таа вечер. Првите четриесетина минути од концертот, „Архангел“ ги поминаа во изведба на песни од последниот албум, „Небесна машина“. Бавен, помалку и здодевен развој на концертот кој можеше да биде и поинаков. Летаргичното чувство беше прекинато со првите рифови на „Ладно оружје“. Делириум во салата (ги имаше неколку таа вечер). Средината и крајот на концертот донесоа пресек на првиот и третиот албум на бендот со акцент на високо почитуваниот „Архангел 2“. Нешто што овој концерт и требаше во целост да претставува. „Сениште“, „Луна“, „Зборови волшебни“, „Чудесен свет“, „Нова вера - нова библија“.... брилијантни композиции кои сè уште предизвикуваат лавина реакции кај слушателите. Кон крајот на концертот на изведбата на Heart Core, Вртев е уморен и ја препушта публиката да ја заврши неговата работа. Уникатно чувство за дај-хард фановите, досада за останатите. За бис, „Милион долари“ и една нова песна на „Архангел“, најава за новиот материјал на бендот. Би резимирал: без бавниот, развлечен старт на настапот на „Архангел“, овој концерт ќе имаше сосема поинаков, поконцизен тек.

Убаво е да се види дека „Архангел“ сѐ уште можат да соберат повеќе илјади луѓе на едно место. Убаво е да се слушнат класиките на овој состав. Тоа од една страна радува, а од друга кажува дека нашиот однос кон вистинските музички вредности и не е толку лош. Дека сепак, под купиштата и купишта ѓубре околу нас, нешто добро се случува тука!

рецензии, Life магазин, јануари 2011

David Sylvian
Sleepwalkers
(samadhisound, 2010)

Sleepwalkers е најновата компилација на песни приредена од David Sylvian, еден од најголемите музичари на нашето време. Збирка на песни направени во оваа декада меѓу кои колаборацијата со Ричи Сакамото во извонредната World Citizen ( I Won’t Be Disappointed), неколку песни од бравурозниот проект Nine Horses – Snow Born Sorrow, како и една нова песна, наречена Five Lines, колаборација со Даи Фуџикура. Всушност, компилација на песни направени со најблиските соработници на Силвијан: Жан-Филип Гордин ( ReadymadeFC), Крис Врена (Tweaker), Бурнт Фридман, Стив Јансен, Кристијан Фенеш, Стина Нордестан... Иако се работи за колекција на песни а не за нов албум, Sleepwalkers делува како една обмислена целина. Издание кое ќе ги привлече индиферентните и се разбира, ќе претставува обавезно четиво за дај-хард фановите. 16 композиции кои претставуваат пресек на работата на Силвијан од последнава декада, како и најава за идните чекори, те мало запознавање на работата со младиот јапонски композитор Даи Фуџикура преку единствената нова песна на овој албум - Five Lines. Партнерството со Даи Фуџикура ќе можеме да го слушнеме кон средината на 2011 година. Sleepwalkers е албум кој што секој серизоен љубител на музиката би требало да го има во својата колекција. Широк спектар на различни музички дискурси: од импровизација до поп. Сето тоа со прекрасниот вокал на Силвијан кој ги пее сите тие фантастични стихови. Убаво како првиот снег.

Nicotine
Nicotine
pmg recordings, 2010)

Nicotine е бенд составен од Сашо Митревски на бас гитара, гитара и вокали, Стефан Терпини на тапани и Милко Митровски (1975-2008) на гитара. Овој албум е снимен во далечната 2003 година и никогаш претходно не е издаден на носач на звук. По распадот на бендот Nicotine членовите тргнуваат по различни патишта: Сашо и Стефан ги оформуваат Millko (еден од најдобрите домашни инди состави во моментов) и ги издаваат мини албумите Don’t Let Them Win, и Changes. Милко Митровски, неколку недели пред да го напушти овој свет, под името Mr. Brown го издава одличниот истоимен соло албум, за етикетата на ПМГ Рекордингс. Истата издавачка куќа застанува зад единствениот албум на Nicotine и како свое 51 издание го додава на својот каталог. 11 композиции со траење од четриесетина минути кои се изградени врз влијанијата на британската инди музика и отпеани на англиски јазик. Неколку прекрасни композицци конечно го здогледаа светлото на денот (Magic Box, Serious, You and I, For You…), а ние добивме уште еден добар македонски рокенрол албум. Вин – вин сценарио.

The Books
The Way Оut
temporary residence, 2010)

Сакате нов пристап во правењето музика? Сакате неконвенцијална музика која не се срами да ве однесе во некои досега неистражени предели? Сакате експеримент, а сепак издржан музички продукт? Сакате музика која што не е на прва топка и од вас бара малку напор за да успеете да стигнете до поентата и конечно - до уживате во истата? Сакате артисти кои имаат моќ да ја издигнат музиката на едно ново еволуциско скалило? На крајот, дали можеби сакате сигурен, цврст доказ дека момчињата се послини од девојчињта? Тогаш, The Way Out на австралиското дуо The Books е вистинскиот албум за вас. Четрвртиот по ред албум на The Books претставува еден од најкавалитетните музички експерименти во последно време. Експеримент кој на крајот прераснува во ремек-дело. Едно од најдобрите изданија за 2010 година. Храбар албум за храбри слушатели.

Saturday, March 12, 2011

ГО ЗАГУБИВМЕ ЕНТУЗИЈАЗМОТ

Лајф магазин интервју, февруари 2011: Новоградска


Игор Василев е музичар во своите рани триесети години. Присутен на домашната музичка сцена од своите тинејџерски години, најпрвин со бендот Балкан експрес а во поново време работи под псевдонимот Новоградска. Актуелен е со саундракот за филмот Мајки, непрестано работи музика за театар додека зад неговото име стојат два извонредни, типично скопски хит-песни во Ајде да летаме и Кој го спаси градот. Во опуштена атмосфера поразговаравме за последните негови ангажмани и за домашната музичка сцена.

Кога би требал да поставам прашање за музиката за филмот Мајки на Милчо Манчевски тоа дефинитивно би било врзано за третиот дел на филмот. Претставуваше ли предизвик да направиш музика за документарен филм кој се основа на нашата сурова реалност?
Се разбира дека беше предизвик. До сега безброј пати сум повторил дека кога зборуваме за филмска музика - таа мора да ја поддржи приказната и да не застрани од тоа што гледачот треба да го доживее. Најпрвин требаше да ја разберам приказната, да ги разберам сите слоеви што во себе ги носи филмот. Тоа мое позиционирање траеше прилично долго и тоа беше доста тежок процес. Фино што го спомна третиот дел, таму, како што тече приказната - клопчето се одмотува, дознаваме се повеќе и повеќе работи а чуството станува се потешко и потешко. Во принцип, музиката треба да го раскаже истото ова како што сега јас го раскажав со зборови.
Првпат го гледав филмот во недовршена, раф верзија. Веќе одамна беше, тогаш со Милчо работевме на проектот Македонија. Вечна. се сеќавам само на чуството што тој трет дел го остави врз мене. Се чуствував исто како што се чуствував кога го гледав Dancer In the Dark. Не можам да се сетам на што размислував, но тоа сигурно не беше каква музика ќе треба да направам...

Музиката за филмот Мајки сеуште не се појавила на носач на звук. Кога можеме да ја очекуваме? Сеуште чекаме и на првиот албум на Новоградска...
Имавме договор со едена издавачка куќа саундтракот за филмот Мајки да се појави како подарок во еден нивни дневен весник, сега во очи на Берлинскиот филски фестивал. Таа куќа во моментов преживува тешки моменти и работата се одложи за некои подобри времиња. Ќе беше тоа одлична промоција на музиката за филмот која требаше да се појави во навистина завиден тираж за наши услови...
Што се однесува до другиот дел од прашањето, албум со моја авторска музика... Го спремам веќе подолго време, материјалот е веќе готов. Сум разговарал и со потенцијални издавачи на музиката, но во моментов немам конкретен одговор кога тој мој албум би се појавил во продажба.

Кажи ни нешто за твоите моментални ангажмани. На што работиш во моментов?
Во моментов работам музика за една претсава на Срѓан Јаниќиевиќ. ја работиме Шеќеразада во МНТ како дел од една приватна продукција. Во суштина не би откривал многу сега, додека сме во оваа фаза на работа. Режисерот и текстот се сосема доволни...

Сведоци бевме на твои настапи каде што покрај диџеј сет, беа вметнати и изведби на некои твои песни...
Уште кога почнала да ме интересира музика ми било јасно дека тоа што ќе го направиш мораш да го презентираш во живо. Практично, отсекогаш го правам тоа. Јас би рекол дека пуштањето музика го умиксав со изведбата на мојата музика. Кога имам услови секогаш го правам тоа и мислам дека ќе продолжам со истото. Кога ќе дојде време да се презентира албумот, сигурен сум дека ќе имам бенд.

Со неколку други домашни музичари бевте дел од проектот Порта Маседониа на германскиот музичар со македонско потекло Вељанов. Можеме ли да очекуваме нешто ново од овој проект?
Вељанов се спрема за турнеја со својот матичен бенд која што треба да се случи во месеците пред нас. Значи нема ништо ново што се однесува до тој проект, иако начелно треба да продолжиме да работиме. Отсвиревме доста концерти низ Европа, таа епизода беше и тоа како успешна. Покрај мене на тој проект свиреа и Горан Трајковски, Игор Прокиќ, Слободан Кајкут и Горан Јаневски.

Да се вратиме назад во времето. Првата половина и средината на деведесеттите години. Твојот бенд Балкан Експрес, Ајде да летаме песната што доживеа безброј ремикси низ годините...
Ми недостасува општиот ентузијазам што владееше меѓу бендовите. Мислам дека сцената тогаш беше поголема, имаше неколку категории на бендови: имаше етаблирани а имаше и неетаблирани но навистина добри бендови кои на своите настапи свиреа пред најмалку 300-400 луѓе... Балкан експрес беше дел од таа категорија. Денес немаме толку ентузијазам. Стагнираме. И тоа е жално. А имаме потенцијал, имаме музикални луѓе, дури мислам дека веќе имаме и критична маса со високо изграден музички вкус. Испадна дека го загубивме ентузијазмот што некогаш го имамвме. Тоа ми недостасува. Супер е што имам услови за домашно студио и што можам да работам што сакам - кога сакам.

Можеме и понатаму да поразговараме за паралелите македонска музичка сцена тогаш и сега... Велиш дека го изгубивме ентузијазмот. Добивме ли нешто друго можеби?
Пристап на информации. Денес се е достапно за секого. Порано требаше напор да се стигне до посакуваната музика или филм. Како придобивка на времето би го издвоил домашното студио што е навистина важно ако се занимаваш со компонирање. Многу е важно да можеш да го снимиш тоа што си го направил. Порано го немавме тој комодитет а имавме сцена која даваше бендови. На манифестации од типот на Поп-рок фест настапуваа по триесетина бендови секоја година. И тоа бендови од различни музички позадини. А имаше и некои други фестивали во други градови. Различни млади бендови што свират жанровска различна музика. Денес не е така. Младите бендови се се поретки и еднолични.

Да останеме на домашен терен. Кои се бендовите кои влијаеле на тебе? Имаш ли херои од домашната музичка сцена?
Како не, јас пораснав на музиката на Мизар на пример.. Никако не смеам да ги изоставам Бадмингтонс како претставници на панкот. Воглавно слушав бендови кои не се многу познати, би ги издвоил Плавеј...

Ќе морам да те пркинам. Плавеј? Прв пат слушам за овој бенд. За што се работи?
Плавеј. Џез. Еве да кажеме нешто како раните Сет. Дури мислам дека некои членови на овој бенд продолжија во Сет. Не би смеел да не ги споменам првите снимки на Last Expedition кои се одлични пост-панк песни. Ако збориме за херои би ги споменал и Анастасија. Ноктурнал беше навистина значајна плоча за мене.

Хипотетички. Кој е македонскиот Ол-Стар состав. Ти си на бас, кои се другите?
А морам јас на бас?

Па, не мораш. Твој е бендот...
Во секој случај би го земал Зоран Спасовски да свири на... Да свири на било што. Он нека одбере на што ќе свири. Би го земал Зоки Спасовски, дефинитивно, без размислување. Тешко прашање, изборот е голем. Колку и да звучи патриотски ние сме музикална нација. Хух, не знам какода одговорам на ова прашање, сум свирел со повеќето од нив. Би го земал и Кирил Џајковски. На сајзер. Тоа е добра постава.

музички рецензии, Лајф магазин, февруари 2011

Fujiya & Miyagi
Ventriloquizzing
full time hobby - yep roc, 2011

Новиот албум на двоецеот Fujiya and Miyagi воопшто не отстапува од претходно зацртаната траса. Фина фузија на разни музички влијанија (електронски семплови, едноставни ритми, по некој фолк елемент, препознатливи вокали) склопени во најдобрите манири на поп културата. И покрај неколкуте одлични композиции сместени на оваа плоча (Taiwanese Roots, Yoyo, Pills, Minestrone) не можеме а да не го споменеме преџвакувањето на добро познатата формула од претходните албуми. Заситувањето од истиот звук е неминовно. Како за слушателите, така и за авторите. Нешто ми кажува дека ова дуо може многу повеќе.


Nicolas Jaar
Space Is Only Noise
circus company, 2011

Николас Жар е млад композитор за кој веќе пишувавме на страниците на Life магазин. Неговото прво авторско лонг-плеј издание "Space Is Only Noise" претставува благо разочарување или ако сакате продукт под очекувањата и можностите на овој талентиран музичар. За почеток ја нема универзалноста од неговите рани дела: ужасно пријатна музика сместена врз цврст ритам - прикладна за најдобрите светски подиуми а во исто време и саундтрак за најотмените далечни ресторани. Кога на неговата музика ќе го одземеме современиот цврст ритам а ќе ги оставиме убавите мелодии нешто дефинитивно недостасува. Нико не е во посакуваната форма. Штета.


Fighting Windmills
Најсмешниот виц на светот
pmg recordings, 2011

Вториот албум на еден од најинтересните нови скопски состави, наследник на "Аграрни реформи и варијации на тема" издадеден пред неколку години за етикетата на Литиум рекордс. Првиот заклучок што сосем природно се наметнува е дека новите членови на бендот и тоа како придонесуваат во крајниот музички резултат. Изразот е различен и би се осмелил да кажам многу поинтересен од оној на првиот албум. Никако не смееме да го исклучиме и крајно опуштениот став и слободата која што овие млади луѓе си ја допуштаат при правњето на музиката и пишувањето на текстовите. Fighting Windmills е млад бенд кој сеуште се развива. Се надевам во еден стабилен бенд кој често издава албуми и внимателно го менува својот израз.


Легијата
Деценија
шурикен рекордс, 2010

Албум - компилација која треба да ја одбележи првата деценија од постоењето на Легијата, веројатно најизвиканиот домашен хипхоп состав. По извонредниот деби албум Лош ден за империјата, Легијата ни нудат компилациско издание од песни кои членовите на оваа супер-група (составена од десетина хип-хоп артисти со засебни кариери) ги имаат работено низ првата деценија од нивната заедничка работа. Тука е и актуелната нова песна на Легијата "Иди у курац", како и некои нивни необјавени песни. Гитар миксот на "Бонус трака" ни оддалеку ја нема свежината и експлозивноста на оригиналната верзија. Албум за дај-хард фановите.

Tuesday, February 22, 2011

Македонците и телевизијата: Толку многу љубов, толку малку време

Во напливот на македонски ендемски ТВ-програми се чувствувам растргнат помеѓу сите тие прекрасни ТВ-емисии за коишто сакам да пишувам и соодносот време/простор - само една страна во месечникот „Life магазин”. Со други зборови: толку многу љубов, толку малку време.

Надсинхронизација
Кога за првпат на нашите ТВ-станици (океј, А1 беа први) започнаа да се надсинхронизираат странски ТВ-серии, на мојата среќа и радост ѝ немаше крај. Неколку причини. Тоа беше првпат во нашата историја да ја прошириме нашата продукција и храбро да тргнеме каде што ниеден Mакедонец не бил претходно. Од друга страна, овој наш прв чекор претставуваше и мамка за мене како личност - единствената причина што за првпат ме закова пред една евтина јужно-американска ТВ-сапуница. Јас и мојот телевизор. Секој ден, за време на ручекот. И да расчистиме: да не беше нашата интервенција до ден денес немаше да знам како тоа изгледа една просечна шпанска ТВ-сапуница. Не го паметам името на таа одредена серија, но од друга страна ги паметам сите ликови: пред сѐ бојата на нивните гласови и несофистицираните изговори на личните имиња. Хуан Пабло, големиот ранч, лошата полусестра и загрижените родители... Не знам дали го паметите првиот македонски надсинхронизиран ТВ-производ. Имаше две работи кои фасцинираа и се разбира зададоа ендемски елементи. Прво и основно, поставеноста на целокупниот звук задолжен за атмосферата (разни звуци: штикли, автомобил, удари на чаши, виљушки и сл.) и самиот „војс-овер” насниман од македонските актери. Крајниот резултат - катастрофален. Војс-оверот целосно го прекрива звукот на атмосферата, па додека го гледате крајниот производ имате некое чудно чувство како да се наоѓате во вакуум. Вториот македонски изум при надсинхронизирањето веројатно е едно од најкул нештата во историјата на ТВ- продукцијата. Имено: во серијата продефилируваат триесетина ликови, а за надсинхронизација, телевизиската куќа имаше обезбедено десетина домашни актери. Сето тоа придонесе да дојдеме до техниката наречена “затнат нос”. Еден ист актер, со едноставен потег - затнување на носот со прстите, произведува различна боја на гласот и притоа е задолжен за надсинхронизација на најмалку два лика од серијата. Едниот со, другиот без затнат нос. Оваа техника му овозможи на главниот домашен актер во таа серија Зоран Љутков да покрие три до четри лика во првиот македонски обид за надсинхронизирана ТВ-програма.
Оттогаш поминаа две години и надсинхронизацијата на странски сапуници стана мошне популарна кај нас. Освен тоа и ТВ-Сител се приклучи кон играта и не се срами да придонесе во процесот. Кога последен пат проверив, работите стоеа поинаку. Ги нема двете претходно потенцирани ендемски особини. Нема затнат нос, и фала богу може да се слушне атмосферата во позадината. Сега веќе има етаблирани домашни актери кои работат на сѐ попопуларните кај широките народни маси надсинхронизирани ТВ-сапуници. Популарноста оди далеку, дури и до тотално бесмислено давање автограми на актерската екипа по повод издавањето на преводот на книгата по која е напишана популарната ТВ-сапуница. Ќе се сложите дека овде нешто не е во ред. А, да ќе заборавев. Едно нешто успева да се наметне кај производите од овој тип и со тоа сепак “жанрот” да го задржи епитетот ендемски. Тоа дефинитивно би била несериозноста со која македонските актери влегуваат во процесот. Наместо ентузијазам и желба за врвен производ (огромната популарност би морала да биде поттик!), добиваме млитави, неубедливи читања на репликите кои во комбинација со лошо изговорените топоними и лични имиња често звучат комично. Што на некој начин е причина повеќе за уживање. Сѐ повеќе ваквиот дилетантски однос кон телевизијата навлегува во некои сфери во кои не би смеел да биде присутен. Извинете за ненадејниот пресврт, но се чувствувам повикан во последните неколку реда да ги посветам на една крајно сериозна тема.

Фудбал
Разочарувачки е што со секоја наредна фудбалска сезона работите изгледаат се поочајно. Да го тргнеме настрана фактот што ниту една домашна ТВ станица оваа сезона (по пауза од повеќе од десет години) не ја пренесува англиската Премиер лига и да ја земеме за пример високобуџетната Лига на шампиони и да го погледнеме нејзиниот развој кај нас. До пред неколку години МТВ беше бастионот на реализацијата на пригодната програма и коментирањето на преносите од ова натпреварување. Верувам се сеќавате како се тоа изгледаше и како сите ние си викавме дека не може да биде полошо. Потоа Канал 5 ја презедоа работата во свои раце. Сѐ што добивме беа “Топките на Филе”, со ноншалантност во реализацијата на воведните разговори, без особена стручност и отсуство на сериозна анализа. Денес реализацијата на пропратната програма за време на натпреварите од Лигата на шампионите изгледа полошо од кога било. Сега веќе се работи исклучиво за шарлатански пристап на водителот Златко Андоновски (непотребен лош сарказам, неразбирливи досетки и навистина катастрофална гестикулација) помешано со бизарниот избор на по четири натпревари од секое коло за емитување на двата ТВ канали на 5ка. Едно тотално промаршување, овојпат во област која е една од најпопуларните на глобално ниво. Тука се бара добра поткованост, стручност и издржана анализа која ќе го анимира гледачот триесетина минути пред почетокот на натпреварот. Наместо тоа, се враќаме сѐ поназад и поназад. Доживуваме целосен регрес со несериозноста и дилетантизмот во реализацијата на овој високобуџетен проект. Но, несериозноста и дилетантизмот се веројатно главните наши општествени проблеми. Како што стојат работите, најдобро би било Лигата на шампиони да се врати на МТВ. Калински, Михајлов, Сидор, Видевски... Се сеќавате? Ај, зошто да не...