Wednesday, April 6, 2011

Зборови волшебни

Концерт на „Архангел“ и „Фолтин“, „Mетрополис арена“, сабота 12-ти февруари 2011

Добро е кога македонските бендови свират концерти. Фантастично е кога тие концерти се масовно посетени. Одлично е кога се пишуваат песни на македонски јазик и потоа тие песни стануваат хитови. Најдобро, во секој случај е кога домашните хитови се добри песни. Кога пак, добар домашен бенд свири пред неколку илјадна публика можеме да кажеме и дека сме ја постигнале поентата: квалитетна музика наменета за широките маси. Вистинска, сопствена поп-култура

Мини фестивалот со наслов „Македонски подобро звучи“ беше организиран од страна на продукцијата „Јованов“. Многумина дај-хард обожаватели беа збунети од оваа колаборација: Јован Јованов од една и Ристо Вртев и „Фолтин“ од друга страна. Би рекол ништо неочекувано. Напротив. Во секој случај, еден успешно организиран концерт кој привлече навистина огромно внимание кај публиката која што ја наполни „Метрополис арената“.

„Фолтин“ ја имаа ‘честа’ да настапат први и со краток сет да ја загреат публиката за настапот на „Архангел“. Со првите секунди од настапот на „Фолтин“ (87, песна од нивниот сè уште последен официјален албум „Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“) стана јасно дека звукот и светлото во салата се речиси совршени, а бендот расположен да покаже што знае. „Фолтин“ дефинитивно е најдобриот македонски бенд во моментов. Со петнаесет годишна непрекината работа зад себе, 5 студиски албуми, многу концерти и постојани музички ангажмани. Резултатот видлив на сцената. Како на овој краток, педесет минутен настап, а особено на кој било нивни целовечерен концерт. „Фолтин“ всушност се најдобриот пример за тоа како треба да се работи. Напорно и константно.

Не би сакал да правам широка паралела на двата бенда и нивните настапи, но кратко би забележал: константната работа на „Фолтин“ им овозможува кондиција за беспрекорни целовечерни концерти. Од друга страна, кампањската работа на „Архангел“ придонесува кон слабата кондиција. Иако таа овде се однесува само на лидерот на бендот Ристо Вртев. Останатите членови на оваа постава на „Архангел“ (Дарко Мучев на бас-гитара, Гоце Стефкоски на тапани и Џијан Емин на втора гитара и клавијутури) се музичари кои цело време свират во разни проетки, па немаа никаков кондиционен проблем низ двочасовниот настап. Драган Гиновски-Гино, како и секогаш, повлечен и во сенка, но со уникатната боја и мелодија на неговата гитара - вечниот следбеник на волшебните стихови на Ристо Вртев.

По фантастичната најава на битолските херои: „‘Архангел’, во една реченица, најдобриот брак помеѓу македонскиот јазик и рокенролот“, следуваше настапот на „Архангел“ кој беше одлично прифатен од посетителите таа вечер. Првите четриесетина минути од концертот, „Архангел“ ги поминаа во изведба на песни од последниот албум, „Небесна машина“. Бавен, помалку и здодевен развој на концертот кој можеше да биде и поинаков. Летаргичното чувство беше прекинато со првите рифови на „Ладно оружје“. Делириум во салата (ги имаше неколку таа вечер). Средината и крајот на концертот донесоа пресек на првиот и третиот албум на бендот со акцент на високо почитуваниот „Архангел 2“. Нешто што овој концерт и требаше во целост да претставува. „Сениште“, „Луна“, „Зборови волшебни“, „Чудесен свет“, „Нова вера - нова библија“.... брилијантни композиции кои сè уште предизвикуваат лавина реакции кај слушателите. Кон крајот на концертот на изведбата на Heart Core, Вртев е уморен и ја препушта публиката да ја заврши неговата работа. Уникатно чувство за дај-хард фановите, досада за останатите. За бис, „Милион долари“ и една нова песна на „Архангел“, најава за новиот материјал на бендот. Би резимирал: без бавниот, развлечен старт на настапот на „Архангел“, овој концерт ќе имаше сосема поинаков, поконцизен тек.

Убаво е да се види дека „Архангел“ сѐ уште можат да соберат повеќе илјади луѓе на едно место. Убаво е да се слушнат класиките на овој состав. Тоа од една страна радува, а од друга кажува дека нашиот однос кон вистинските музички вредности и не е толку лош. Дека сепак, под купиштата и купишта ѓубре околу нас, нешто добро се случува тука!

рецензии, Life магазин, јануари 2011

David Sylvian
Sleepwalkers
(samadhisound, 2010)

Sleepwalkers е најновата компилација на песни приредена од David Sylvian, еден од најголемите музичари на нашето време. Збирка на песни направени во оваа декада меѓу кои колаборацијата со Ричи Сакамото во извонредната World Citizen ( I Won’t Be Disappointed), неколку песни од бравурозниот проект Nine Horses – Snow Born Sorrow, како и една нова песна, наречена Five Lines, колаборација со Даи Фуџикура. Всушност, компилација на песни направени со најблиските соработници на Силвијан: Жан-Филип Гордин ( ReadymadeFC), Крис Врена (Tweaker), Бурнт Фридман, Стив Јансен, Кристијан Фенеш, Стина Нордестан... Иако се работи за колекција на песни а не за нов албум, Sleepwalkers делува како една обмислена целина. Издание кое ќе ги привлече индиферентните и се разбира, ќе претставува обавезно четиво за дај-хард фановите. 16 композиции кои претставуваат пресек на работата на Силвијан од последнава декада, како и најава за идните чекори, те мало запознавање на работата со младиот јапонски композитор Даи Фуџикура преку единствената нова песна на овој албум - Five Lines. Партнерството со Даи Фуџикура ќе можеме да го слушнеме кон средината на 2011 година. Sleepwalkers е албум кој што секој серизоен љубител на музиката би требало да го има во својата колекција. Широк спектар на различни музички дискурси: од импровизација до поп. Сето тоа со прекрасниот вокал на Силвијан кој ги пее сите тие фантастични стихови. Убаво како првиот снег.

Nicotine
Nicotine
pmg recordings, 2010)

Nicotine е бенд составен од Сашо Митревски на бас гитара, гитара и вокали, Стефан Терпини на тапани и Милко Митровски (1975-2008) на гитара. Овој албум е снимен во далечната 2003 година и никогаш претходно не е издаден на носач на звук. По распадот на бендот Nicotine членовите тргнуваат по различни патишта: Сашо и Стефан ги оформуваат Millko (еден од најдобрите домашни инди состави во моментов) и ги издаваат мини албумите Don’t Let Them Win, и Changes. Милко Митровски, неколку недели пред да го напушти овој свет, под името Mr. Brown го издава одличниот истоимен соло албум, за етикетата на ПМГ Рекордингс. Истата издавачка куќа застанува зад единствениот албум на Nicotine и како свое 51 издание го додава на својот каталог. 11 композиции со траење од четриесетина минути кои се изградени врз влијанијата на британската инди музика и отпеани на англиски јазик. Неколку прекрасни композицци конечно го здогледаа светлото на денот (Magic Box, Serious, You and I, For You…), а ние добивме уште еден добар македонски рокенрол албум. Вин – вин сценарио.

The Books
The Way Оut
temporary residence, 2010)

Сакате нов пристап во правењето музика? Сакате неконвенцијална музика која не се срами да ве однесе во некои досега неистражени предели? Сакате експеримент, а сепак издржан музички продукт? Сакате музика која што не е на прва топка и од вас бара малку напор за да успеете да стигнете до поентата и конечно - до уживате во истата? Сакате артисти кои имаат моќ да ја издигнат музиката на едно ново еволуциско скалило? На крајот, дали можеби сакате сигурен, цврст доказ дека момчињата се послини од девојчињта? Тогаш, The Way Out на австралиското дуо The Books е вистинскиот албум за вас. Четрвртиот по ред албум на The Books претставува еден од најкавалитетните музички експерименти во последно време. Експеримент кој на крајот прераснува во ремек-дело. Едно од најдобрите изданија за 2010 година. Храбар албум за храбри слушатели.