Saturday, March 12, 2011

музички рецензии, Лајф магазин, февруари 2011

Fujiya & Miyagi
Ventriloquizzing
full time hobby - yep roc, 2011

Новиот албум на двоецеот Fujiya and Miyagi воопшто не отстапува од претходно зацртаната траса. Фина фузија на разни музички влијанија (електронски семплови, едноставни ритми, по некој фолк елемент, препознатливи вокали) склопени во најдобрите манири на поп културата. И покрај неколкуте одлични композиции сместени на оваа плоча (Taiwanese Roots, Yoyo, Pills, Minestrone) не можеме а да не го споменеме преџвакувањето на добро познатата формула од претходните албуми. Заситувањето од истиот звук е неминовно. Како за слушателите, така и за авторите. Нешто ми кажува дека ова дуо може многу повеќе.


Nicolas Jaar
Space Is Only Noise
circus company, 2011

Николас Жар е млад композитор за кој веќе пишувавме на страниците на Life магазин. Неговото прво авторско лонг-плеј издание "Space Is Only Noise" претставува благо разочарување или ако сакате продукт под очекувањата и можностите на овој талентиран музичар. За почеток ја нема универзалноста од неговите рани дела: ужасно пријатна музика сместена врз цврст ритам - прикладна за најдобрите светски подиуми а во исто време и саундтрак за најотмените далечни ресторани. Кога на неговата музика ќе го одземеме современиот цврст ритам а ќе ги оставиме убавите мелодии нешто дефинитивно недостасува. Нико не е во посакуваната форма. Штета.


Fighting Windmills
Најсмешниот виц на светот
pmg recordings, 2011

Вториот албум на еден од најинтересните нови скопски состави, наследник на "Аграрни реформи и варијации на тема" издадеден пред неколку години за етикетата на Литиум рекордс. Првиот заклучок што сосем природно се наметнува е дека новите членови на бендот и тоа како придонесуваат во крајниот музички резултат. Изразот е различен и би се осмелил да кажам многу поинтересен од оној на првиот албум. Никако не смееме да го исклучиме и крајно опуштениот став и слободата која што овие млади луѓе си ја допуштаат при правњето на музиката и пишувањето на текстовите. Fighting Windmills е млад бенд кој сеуште се развива. Се надевам во еден стабилен бенд кој често издава албуми и внимателно го менува својот израз.


Легијата
Деценија
шурикен рекордс, 2010

Албум - компилација која треба да ја одбележи првата деценија од постоењето на Легијата, веројатно најизвиканиот домашен хипхоп состав. По извонредниот деби албум Лош ден за империјата, Легијата ни нудат компилациско издание од песни кои членовите на оваа супер-група (составена од десетина хип-хоп артисти со засебни кариери) ги имаат работено низ првата деценија од нивната заедничка работа. Тука е и актуелната нова песна на Легијата "Иди у курац", како и некои нивни необјавени песни. Гитар миксот на "Бонус трака" ни оддалеку ја нема свежината и експлозивноста на оригиналната верзија. Албум за дај-хард фановите.

No comments:

Post a Comment