Wednesday, November 3, 2010

Македонците и телевизијата


Мислам дека имаме хит
 


Нас ни е стварно супер. Немаме мрднато ни со малиот прст а сепак сме ја наследиле телевизијата како цивилизациска придобивка. И сега произведуваме ТВ програма. Онака како што ние мислиме дека треба, онака како ние сме си замислиле. Производот? Неретко генијален. Со многу лош хумор, без вкус, често против сите правила диктирани од употребата на подвижните слики. Македонците и телевизијата. Една убава приказна…

Ете ме мене повторно во мојата омилена позиција. Фотељата - удобна; нозете - испружени; кафето  - силно; далечинското - на дофат; сликата кристално чиста. Можам да престанам да размислувам за црногорците и како тоа нивната ТВ продукција е оригинална и ендемска речиси како нашата. Најдобро ќе биде да се нурнам во синиот свет. Денеска на менито: македонски народни приказни.
Вистина е дека се работи за еден од најуспешните, па ако сакате и најдобрите македонски ТВ продукти. Имаме приказна (добра приказна), имаме солиден актерски тим и ентузијастички настроена ТВ екипа. Да нема забуни: овде зборувам за оригиналните народни приказни, лансирани и направени од Радио-Телевизија Скопје во осумдесетите години.
Лично, речиси заборавив дека постои овој македонски ТВ производ. Сега нема никогаш да ги заборавам филмуваните македонски приказни. А1 и Сител на најлош можен начин успеаа да ги вратат во игра притоа уништувајќи ги сите убавини што со себе ги носат приказните ревносно собирани од Миладиновци, Цепенков, Чуповски… Прво, тоа не се тие приказни. Овие се некои нови, овие ги немам прочитано. Низ нив само провејуваат некои мотиви од македонските народни приказни. Често нема ниту мотиви, туку само обична, плитка приказна со (каква-таква) поука чие дејство се случува на село. Дијалозите се приказна сама за себе. Сценаријата како излезени од перото на двоецот Sинго - Велија. Актерската екипа без желба за живот. Режијата ко да го носи потписот Груевски - Црвенковски. Музиката, фала богу, ја нема. Новите македонски народни приказни се типичен македонски ендемски вид ТВ програма. Направена со силување на делото на собирачите на народни умотворби. Изградени врз успехот и оригиналната идеја на серијалот започнат од РТС во осумдесетите. Фактот што Колозов веќе не е меѓу нас и има огромна празнина со вистински кастинг за улогите на Царот и Господ е најмалиот проблем. Пред да видам како новокомпинарите македонски приказни изгледаат на телевизија, наивно мислев дека отсуството на Ѓорѓи Колозов ќе биде клучниот проблем.
Избегнувајте ги овие ТВ приказни. Освен ако не сте мој тип на тевехоличар и можете да уживате во лошите костими и бајатата актерска игра или пак знаете да се смеете кога ситуацијата бара солзи.
Ах, да замалку ќе заборавев… Пред некој ден, на прва програма налетав на вистинска македонска народна приказна снимена во 1987. Беше неподносливо наивна, но имаше нешто симпатично во целиот производ. Можеби тоа беше Црна Арапина…

П.С. Постои една приказна која одсекогаш ме фасцинирала. Силијан Штркот. Има фантастични елемнти, одлично дејствие, прекрасни описи и цврста, јасна поука на крајот. Никој не ни помислил да ја филмува. Филмуван Силијан Штркот би го направил Цепенков среќен човек. За жал, тој тоа не е.

1 comment:

  1. Овој текст можете да го најде во 48миот број на магазинот Life.
    Утре, 4ти ноември, во продажба се појавува новиот, 49ти број на Life со уште една епизода на серијалот Македонците и телевизијата.

    ReplyDelete