Saturday, August 13, 2011

зошто да напишеш блог?

Тука нема цензура. Тука нема шефови. Тука има уличен јазик. Тука може да се пцуе. Тука може со прст да се покажува по виновниците. Текстот објавен тука може да го прочитаат многу луѓе. Тука може да се каже дека Никола Груевски, Бране Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Киро Глигоров заедно со нивните најблиски соработници се најголемите македонски предавници во моментов. Тука можеш да кажеш и дека Латас е пичка. Интернетот е твоето најсилно оружје. Искористи го! Паметно.

Wednesday, August 10, 2011

скопје е градот што го сакам, за вардар јас живеам...

можеш да го убиеш тимот, но не можеш да го убиеш духот.

Имаме проблем. Вардар испадна од првата македонска фудбалска лига. Но, со пар валкани потези ете ги назад во елитното друштво. Вчера го одиграа првиот меч пред домашна публика. Противник им беше тимот на Работнички, најсветлата точка во домашниот фудбал во полседниве неколку години. Вардар победи еден спрема нула. Пред повеќе од 10 000 гледачи, сите навивачи на Вардар. Навивачи на Работнички немаше -затоа што тие не постојат.

Роден сум во Скопје. Кога прв пат бев на стадион гледав меч од првата југословенска лига. На гости ни беа Хајдук, еден од тимовите на големата четворка. Вардар победи 3:2. Вардар имаше повеќе од играта. Хајдук водеше 2:1 кога цел стадион почна да скандира „управа шиткачи“. Пресврт на резултатот и победа на крајот. Одушевување на Градски стадион. Убав спомен од безгрижното детство.
Многу години подоцна, во сезоната 2010/2011 Вардар е закотвен на дното, заедно со Пелистер. Последно коло на првенството. Вардар го пречекува кичевски Напредок. Пак сум на истиот стадион, сега со нов изглед и ново име. Дојден сум да го испратам тимот што го сакам во Втората лига. Јеби га, тоа е фудбал: win some, lose some. Разочарување на стадионот: не повеќе од 300 гледачи на еден така значаен меч. Победа на Вардар од 1:0 за достојно збогување со елитното фудбалско друштво. Втора лига е наша. Веројатно брзо ќе се вратиме со поорганизирана структура внатре во клубот. Веројатно од све ова ќе се извлече и некоја поука.
Неколку недели подоцна целосно разочарување: Вардар ќе направи фузија со Миравци (Ф.К. од истоименото гевгелиско село кој регуларно со добри настапи во втората лига стекнува право на настап во најелитното друштво) и повторно ќе настапува во првата лига. Бесен сум. Разочаран и исфрустриран. Ги мрзам Вардар, жал ми е за младиот тим на Миравци. Ка-та-стро-фа. По средбата со еден постар другар и разговорот со него малку се смирувам: валканите игри се тука, факт. Но, што понатаму? Да оставиме бесот да надвладее и да го игнорираме тимот на своето детство? Да го заобиколуваме тимот за кој навивале и нашите родители? Ок, ајде ќе го направиме тоа. За кого да навиваме? За Работнички, нели. За најсветлата точка во мак фудбалот во последниве години (редовно играње во кваликациите за Купот на УЕФА (Лига Европа). Башка, успешни се, играа со Болтон, играа со Ливерпул, тукушто се изборија за двомеч со Лацио. Како секој нормален љубител на фудбалот, одам на стадион, го гледам тимот, навивам.... Но, чудно е. Многу е чудно. Ф.К. Работнички нема навивачка група. Присутните на стадионот скандираат „Македонија, Македонија“. Од немајкаде со другарите на стадион ја формираме и навивачката група „академска публика“. Јасно е дека овој тим на Работнички не располага со некој голем буџет (семејството Костовски одамна не се нивни спонзори). Сепак успеваат да ни приредат натпревари со некои добри европски клубови. Чудно е што раководството на овој клуб не обрнува внимание на тој факт. Имено, публиката може и да биде создадена, или да употребам посилен збор - таа може да биде измислена. Начини има милион, све што нема е визија за еден целосно функционален фудбалски клуб. Мала порака до раководството на клубот: размислете на темата, најдете млади деца кои сакаат да гледаат фудбал и формирајте навивачка група. Просто е. За пет - шест години веќе ќе имате стабилно навивачко тело.
Да се вратам на Вардар. Дерби на второто коло. Противник, токму Работнички. Победа од 1:0. Но тоа е најмалку битно. Она што сакам да го потенцирам е новата генерација Комити - деца на нивни 16-17-18-19 години. Пеат на цел глас низ сите 90 минути од мечот. Прекрасна атмосфера на стадионот. Ги гледав Работнички против Анортозис неколку дена претходно. Едниот беше вистински фудбалски меч со фантастична атмосфера, а другиот имитација на живот - досада и зачмаеност на трибините и во двете продолженија и покрај пласманот во следното коло. Публиката е составен дел од секој фудбалски меч. Публиката јасно покажува дали и колку го сака својот тим. Новата генерација Комити ми покажа дека духот на Вардар е сеуште жив. Просто е - тие самите се духот на Вардар. И јас заедно со нив. И Стојан и Љупа и Ива и Сашка. И наеднаш за време на мечот стана јасно како ден: што ме боли кур за корумпираната управа на ФК Вардар? Што ме боли кур за ситното мито на кое што се согласило водството на ФК Миравци и го отстапило избореното место во првата лига? Што ме боли кур за Работнички и нивните успеси во последниве неколку години? Што ме боли кур за Харалампие Хаџиристески и неговиот дел од митото од целокупниот дил меѓу Вардар и Миравци? Ма што ме боли кур и за доброинформираните млади луѓе кои не можат да пројдат преку неправдата и почнуваат да го мрзат клубот кој го сакале додека растеле? Господа во костуми и кравати, да вие што по разно разни македонски биртии го ситните угледот и кешот на екипите: можете да го убиете тимот, но никогаш нема да го убиете духот. Духот на тимот е во неговите навивачи а овие млади деца и тоа како имаат дух. Новата генерација Комити со невидена леснотија успеаа да ме натераат да заборавам на минливите ситно-крадачки интереси и да се соочам со мојата вистина за македонскиот фудбал: Скопје е градот што го сакам, за Вардар јас живеам. Дојдете да го гледате Вардар како домаќин во следната прилика. Препорачувам. Мртов озбилен.

Tuesday, June 7, 2011

ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ за МАРТИН НЕШКОВСКИ (убиен на 21 годинa)

Понеделник, 6ти јуни. 4 и 30 попладне. Коа си дојдов од работа, кај Сашка у дечја, отворив твитер и прочитав еден твит засилен со линк од вест објавена на Макфакс. Помалку исплашен од целата вест (штуро полициско соопштение, издадено во понеделник околу пладне во кое се вели дека доцна во ноќта во неделата во Центар (тоа е Скопје, нели) било пронајдено мртво тело на момче на возраст од околу 23 години. На телото немало знаци на насилство. И се би било сосема океј, доколку на штурата владина информација не изреагирала една наша млада новинарка која што рекла дека претходната ноќ била сведок на брутално насилство на речиси истата локација каде што е пронајдено телото. Новинарката веднаш е сослушана од полицијата. Кога неколку саати поодцна пред ТВ камери Иво Котевски е запрашан за наводната полициска бруталност вели дека нема таква информација и се труди да ги раздвои случаите. Или лаже, или нема комуникација во полицијата. За овој настан не се зборува на попладневните вести на Канал 5 (17 часот) и Сител (18 часот). Во 18 и 30 веќе бев во Парк бидејќи твитер заедницата веќе знаеше дека постои убиство кое се обидува да се заташка како несреќен случај. Почнавме да собираме потписи за распуштање на единицата за брза интервенција Алфи и барање за расветлување на случајот. Еднаш и јас имав средба со таа единица. Ме застанаа како на филм и ми ја претресоа цела кола. Прво ме прашуваа од кај сум ги украл звучниците (правевме журка и јас ги носев звучниците на Оги кај Буцко). После бараа дрога, не ја најдоа и си отидоа. Притоа зе закануваа да си кажам све сам кај ми е пошо ќе јадам ќутек коа ќе го најдат. Енивеј, непријатна епизода. Околу 20 и 30 групата се упати кон плоштадот Македонија а јас отидов дома. Пред да си легнам ги изгледав сите вести. Јасно се виде кој е кој. Владините медиуми, да не ги повторуваме, велеа дека се шпекулации наводите за полициска бруталност и ја подржуваа владината верзија на настанот.
Вторник сабајле. На твитер сите викаат дека некако исчезнале ФБ групите за настанот. Незнам, неам ФБ. Нов протест закажан во 16 часот пред куќата на Мајка Тереза ( а-је!). Морам да излезам од канцеларија и веќе немам пристап на интернет се до 15 и 30. А таму цел куп нови инормации, тотално лудило: на телото, сепак, имало траги на насилство, починатиот не е Даниел од Ѓорче Петров туку Мартин Нешковски, сочуство до неговите блиски. Пред неколку часа и убиецот, полицаец, припадник на единицата Тигри го признал делото и сам се пријавил кај својот старешина. Иако не бил Алфа, сепак моето мислење за Алфите останува исто: сум ги видел на своја кожа и морам да кажам дека нема потреба за таков третман на полицијата кон своите граѓани. И немам никакви илузиии: знам дека полицијата постои за владата, а не за народот - но сепак, некое цивилизирано ниво (21век сме да му ебем матер) мора да постои.
Втроник 16 и 30. Пак сум на протест. Многу сме. Пар кругови низ центар и средба со полицајци во панцири кои го имаат опколено МВР. Убаво да се види, спремни се. Пак напуштам предвреме, морам уште во 5ипол сабајле да бидам на работа. Гледам вести. Иво Котевски вика дека има убиство и дека има убиец. Мајката на Мартин е исто така на ТВ. Зборува трагични работи. Ја разбирам, го изгубила синот а не ни знаела... Ја нема министерката, го нема премиерот. Има припадник на единицата Тигри кој го признал делото. Крај на приказната?
Ајде сега да видиме што имаме тука. Не сум експерт за право, но мислам дека и не морам да бидам. Иво Котевски едниот ден вели едно другиот друго. Тоа е затајување - ако знаеме дека се работи за убиство. Кривична пријава. Кривична е протребна и за полицаецот - убиец иако го признал делото. Потребно е да се утврди дали бил на службена должност и што таа должност опфаќала. Ако е тоа партиски активизам тука би морало да следува оставка на премиерот. Понатаму, сведоците посочуваат и кон уште неколку полицајци кои асистираат да се тргне телото од местото на убиството. Тоа е соучество во убиство. Морална одговорност и оставка од министерката нема бидејќи во моментот се наоѓа на депилација. Ако нема од неа сигурно нема и од премиерот. Зезнато, а? А ако некој помисли дека застапувам СДСМ шема веднаш да го натерам два блога подоле: они се тотални идиоти без трунка визија. Извинување до нормалните читатели - морав да се дистанцирам. Ок, до кај стигнав?
А, да. Страв ми е. Страв ми е за себе затоа што знам дека јас можев многу лесно да бидам Мартин. Страв ми е и све ова да го објавам онлајн. Свесен сум за моќта на државниот апарат и можните последици. Но, кога станува збор за политичката припадност се сметам себе за либерал и мислам дека слободата на говор е у пичку матер важна.
Протест е закажан поворно за утре во 18 часот. Што понатаму, освен барањата за задоволување на правдата? Имаме ли ние сила (пар иљади млади луѓе) да го смениме системот и да не дозволиме ова да се случи никогаш повеќе? Се разбира дека не можеме: секоја држава во основа е полициска и таа често се бави со валкани игри и тука неможеме ништо да направиме. (Кога се води држава совршено е јасно дека некогаш некој мора да биде заштитен). Дај боже да грешам, ама тешко малце: јас немам илузии дека во мојот животен век ќе видам промена на општеството. Знаете она, доба на Водолија, мир, хармонија, лепота... Но, се чуствувам повикан и морам да се борам за некои основни права и поставување на каква - таква црвена линија преку која не се може. Не за насилство, Не за полициска бруталност. Државата би морала да се бави со серизни прашања а не со убивање на својата младина.
Еве ми ја дилемата: дали можеби треба да ја реализирам неколку години старата идеја: да ги соберам паметните другари и другарки кои се околу мене и заедно да формираме една вистинска, со јасни ставови изградена Либерална партија. Да направиме партија и без влакна на јазикот да се пробаме со лошите момци. На избори, што би рекол Бранко. Ама дечки, јас свирам во бенд, јас пуштам музика на радио, јас не сакам овој живот да го посветам на политика. Како да се поставам?

Tuesday, May 17, 2011

ПОСЛЕДНАТА ЖИВА РОЗА

PJ HARVEY
Let England Shake
(Island, 2011)

Поли Џин Харви е една од најинтересните композитори на денешницата.
Нејзиниот талент е неспорен, јасно видлив уште од нејзините први
чекори, направени со помош на малата независна лондонска издавачка
куќа Too Pure во почетокот на деведесетите години од минатиот век. Оваа година се навршуваат дваесет години од издавањето на нејзиниот прв сингл. За тоа време Поли Џин Харви воопшто и не застана. Музичар кој не сака да се повторува, па затоа нејзините албуми претставуваат целосно различни музички доживувања. Секој нејзин нов албум е приказна сама за себе: нов музички дискурс за новите композиции. Доколку би морал да избирам (за помладите, нели!) би ги издвоил: деби албумот „Dry“ од 1992, потоа „Rid of Me“ од 1993, „Is This Desire?“ од 1998 и се разбира „Stories From The City, Stories From The Sea“ од 2000-та година. Кариера која непрестајно се развива и речиси цело време зацртува нови траси. Пред да се задржам на новото албумско остварување на Поли Џин, да ја споменам и кратката љубовна врска со Ник Кејв од средината на деведесеттите години - нешто што наликуваше на вистинска музичка романса.

„Let England Shake“ е нејзиниот осми по ред студиски албум. Вибрантно и возбудливо остварување кое со себе носи едно мачно чуство - дека тлото под нозете почнува да се тресе и станува јасно дека тоа баш и не е така стабилно. Песни директно инспирирани од и посветени на нејзината родна земја Англија - со јасен коментар и цврст став за англиските позиции во светот и сегашната поставеност на општеството на глобално ниво. 12 композиции со траење од четриесетина минути исполнети со тага, бес, летаргија. Насловната „Let England Shake“ експлозивно го отвора овој албум чијашто прва половина (читај: А-страна) е многу повозбудлива. Албумот е снимен зедно со нејзините долгогодишни соработници Џон Париш и Мик Харви во април и мај минатата година. Во некои од своите изјави пред појавувањето на албумот, видно возбудена, Пи Џеј Харви вели дека се работи за значајно скршнување во нејзината кариера и продукт кој се разликува од сѐ што досега снимила. Веројатно главното музичко обележје на овој албум е новата љубов на Пи Џеј – инструментот аутохарфа, присутен низ речиси сите песни. Ако посочуваме кон позанимливите композиции на овој албум, тоа дефинитивно би биле „The Last Living Rose“, „The Glorious Land“, „The Words That Maketh Murder“…
„Let England Shake“ е плоча којашто го отсликува духот на времето. Тоа, без двоумење е главната работа на било кој даден уметник. Поли Џин Харви израсна во музичар кој бега од медиокритетските клишеа кои ги диктира глобалната музичка индустрија и успева со сопствената музика да остави печат на времето во кое живееме.


КОЏАБАШИЈА, ФОЛТИН, СТЕВКОВСКИ
Penelope X
(Литиум, 2011)
Колаборација на домашни музичари кои се пресреќни што имаат прилика да работат заедно. Проект инициран од Никола Коџабашија, а ентузијастички прифатен од Фолтин и тапанарот Гоце Стевковски, снимен на самиот почеток на минатата година. Кратко, триесет минутно остварување кое и тоа како потсетува на Фолтин и нивниот уникатен музички израз. Сепак, поголемиот дел од композициите на оваа плоча се авторско дело на Никола Коџабашија, композитор којшто веќе некое време живее и работи во Лондон. Соработката со Фолтин делува сосема природно, како да се работи за одамна изгубениот член на битолскиот состав. „Penelope X“ е интересно остварување коешто нема да ве остави рамнодушни.

ЉУБОЈНА
Ljubojna in Life
(LIFE магазин, 2011)
Љубојна е единствениот домашен состав кој на оригинален и уникатен начин го инкорпорира македонското музичко наследство во сопствената музика. Без никакво силување на народниот мелос (не постои нивна верзија на „Јовано, Јованке“ на пример), туку напротив – внимателно користење на музичкото наследство од овие простори во создавањето на нивните композиции. Се работи за концерт снимен во живо, отсвирен минатата година во Универзалната сала во Скопје. Отсвирен одлично, овој концерт со себе носи и еден „панк“ сензибилитет кој нема да го забележите на нивните студиски снимки. Во исчекување на новиот материјал на Љубојна, уживајте во „Ljubojna In Life“, подарок за верните читатели на нашиот магазин.


МУЗИЧКИ РЕЦЕНЗИИ, Life Магазин, април 2011.

Sunday, May 8, 2011

Јас сум новинар, јас пушам кур!

-неколку збора за смртта на една професија-

Пардн мај френч, што би рекла Кармела Сопрано. Тоа е единственото извинување кое што ќе го понудам во текстов. Се друго ќе бидат прашања и директни навреди кон припадниците на "седмата сила" (ау!, колку тоа глупаво звучи!).

Ќе започнам со социјалната мрежа твитер како едно стварно кул место на кое следам како некои млади луѓе размислуваат за работите кои не опкружуваат. И јас таму без никаква цензура ги истурам сопствените погледи за животот, вселената и све друго (можете да ме најдете под името @gatscho). Освен што е збавно, знае да биде и крајно едукативно. Знаењето МОРА да се споделува а оваа социјална мрежа случајно или намерно го овозможува токму тоа: комуникација и размена на знаења и искуства. Пред неколку месеци, понесен од медиумската војна кај нас, во наплив на бес, без многу објаснување, упатив навреди кон некои наши новинари кои безобзирно своите коментари ги насочуваа кон навредување на една и величање на друга политичка опција. Имено, новинарот во ниеден случај не би смеел некого да фаворизира, а најмалку константно да фаворизира одредена опција. Новинарот е истражувач, а секој добар истражувач никогаш не се задоволува само со една верзија на настанот. Во тие неколку твита, целата ситуација ја споредив со новинарите во светот, кои исто како и овие нашиве, имаат пуна уста кур. Објаснувањето е навистина едноставно. Земете ја за пример СиЕнЕн, највлијателната светска ТВ станица. Нејзините новинари ги следат ЕДИНСТВЕНО владините верзии на настаните, без притоа нималку да излезат од верзијата понудена од владините кабинети (освен кога не е во пршање некој режим кој во моментот е на тапет, па тогаш се пренесуваат соопштенјата на бунтовниците т.е. добрите момци). Споредете го објаснувањето за рушењето на кулите близначки на пожарникарите од местото на настанот, со официјалната верзија на Белата куќа и потоа размислете каде се новинарите во целата приказна. Дејвид Ајк овој однос на новинарите го објаснува со два збора: цензура и автоцензура. Имено, во СиЕнЕн работи ол-стар екипа на новинари од целиот свет, толку удобно сместени во својата функција на продолжена рака на владините агенди што не ни помислуваат да излезат од зададените рамки. Тие се занимаваат со автоцензура, нив никој не мора да им ги цензурира текстовите затоа што тие ги знаат правилата на играта: знаат за што смеат а за што не смеат да пишуваат. Независни новинари повеќе не постојат. Постојат само истражувачи чии што информации не се објавуваат во мејнстрим медиумите. Тие што истражуваат и стигаат до верзија различна од онаа владината веднаш се етикетираат како "непријатели на државата" или како "теоретичари на заговори". Кај нас, тие што истражуваат (единствено неделникот Фокус го прави тоа) се етикетирани како "жолт печат". Во Македонија, истражувачите имаат проблем и со табороидите (јасно дефинирани од @woona во неговите твитови на споменатата социјалната мрежа): ако зборуваш против Бранко - мора да си за Грујо и обратно. Секоја конструктивна критика е распрскана од страна на табороидите и веднаш е етикетирана како "комуњарска" или "вмровска".

Новинарите, не само кај нас туку и на глобално ниво, се претворија во покорни слуги на владините агенди. Тие што сеуште истражуваат и ги објавуваат информациите без цензура не се новинари затоа што не работат за ниедна новинска агенција. Просто ко грав.

Се разбира дека постојат новинари на кои што им е соврешено јасно каква е ситуацијата и која е нивната работа. Но, тие се толку малку што веројатно не мораше ни да бидат спомнати тука.

Да се вратиме кај нас уште малку и да ги разгледаме криците на домашните новинари расфрлани низ медиумските куќи. Ај да почнеме со Борјан Јовановски, еден од најугледните новинари кај нас, сосема удобно сместен во својата улога, како отворено ни кажува на ТВ дека во Македонија постојат теми за кои се знае дека не смее да се пишува. И тука разговорот завршува! Па, барем да споделеше со нас кои се тие теми и зошто тоа никој не смее да пишува за нив?! Или пак да отидеме до Сител и да го видиме Латас во контактна емисија, целосно опуштен со Волчица у скут (патем, толку целулит ја у живот неам видено!), како ноншалатно кажува дека они (новинарите) и политичарите се всушност партнери и ја играат истата игра... Што тоа значи? М? Да продискутираме ли воопшто за Миленко? Тој во една од своите последни емисии велеше за себе дека е македонски тренд-сетер бидејќи сега во сите домашни ток шоуа во сценографијата има книги - нешто што тој прв го направил. Нивото тука е слично на она на Зевзекманија, па подобро ќе биде воопшто да не дискутираме за него. Или пак Иво Котевски, кобајаги млад и надежен новинар кои на негови рани триесети години пренесува владини соопштенија и недвосмислено работи за нив! М? Добра плата? Да зборуваме ли за купиштата деца-новинари, новопроизведени медиокритети, штотуку излезени од факултет, уништени од образовниот систем, како по налог на своите уредници влегуваат во оган и се жртвуваат за одредена политичка опција? Можеби да го спомнеме Јанко Илковски кој за себе вика дека не е новинар, но сепак е сместен во скутот на четирите "свети" букви со додавката ДПМНЕ? Толку е удобно сместен во своето гнездо што секој ден е се подебел и подебел. Во политичката сцена кај нас јасно се гледа испреплетеноста на функциите и цврстата коалиција што е на власт и не јебе еве веќе повеќе од дваесет години. Добитна коалиција: куп лажговци на едно место - едните во улога на политичари, другите во улога на новинари. Сите, непрекинато лажат. Некогаш толку лошо што боли.

Имам две прашања: ќе почнеме ли да зборуваме без цензура и ќе им кажеме ли отворено на нашите сограѓани дека Бранко Црвенковски, Никола Груевски заедно со нивните најблиски соработници од една и новинарите од друга страна се најголемите предавници во современата македонска историја? Или да почекаме уште малку, можеби изборите ќе донесат промена...

Wednesday, April 6, 2011

Зборови волшебни

Концерт на „Архангел“ и „Фолтин“, „Mетрополис арена“, сабота 12-ти февруари 2011

Добро е кога македонските бендови свират концерти. Фантастично е кога тие концерти се масовно посетени. Одлично е кога се пишуваат песни на македонски јазик и потоа тие песни стануваат хитови. Најдобро, во секој случај е кога домашните хитови се добри песни. Кога пак, добар домашен бенд свири пред неколку илјадна публика можеме да кажеме и дека сме ја постигнале поентата: квалитетна музика наменета за широките маси. Вистинска, сопствена поп-култура

Мини фестивалот со наслов „Македонски подобро звучи“ беше организиран од страна на продукцијата „Јованов“. Многумина дај-хард обожаватели беа збунети од оваа колаборација: Јован Јованов од една и Ристо Вртев и „Фолтин“ од друга страна. Би рекол ништо неочекувано. Напротив. Во секој случај, еден успешно организиран концерт кој привлече навистина огромно внимание кај публиката која што ја наполни „Метрополис арената“.

„Фолтин“ ја имаа ‘честа’ да настапат први и со краток сет да ја загреат публиката за настапот на „Архангел“. Со првите секунди од настапот на „Фолтин“ (87, песна од нивниот сè уште последен официјален албум „Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“) стана јасно дека звукот и светлото во салата се речиси совршени, а бендот расположен да покаже што знае. „Фолтин“ дефинитивно е најдобриот македонски бенд во моментов. Со петнаесет годишна непрекината работа зад себе, 5 студиски албуми, многу концерти и постојани музички ангажмани. Резултатот видлив на сцената. Како на овој краток, педесет минутен настап, а особено на кој било нивни целовечерен концерт. „Фолтин“ всушност се најдобриот пример за тоа како треба да се работи. Напорно и константно.

Не би сакал да правам широка паралела на двата бенда и нивните настапи, но кратко би забележал: константната работа на „Фолтин“ им овозможува кондиција за беспрекорни целовечерни концерти. Од друга страна, кампањската работа на „Архангел“ придонесува кон слабата кондиција. Иако таа овде се однесува само на лидерот на бендот Ристо Вртев. Останатите членови на оваа постава на „Архангел“ (Дарко Мучев на бас-гитара, Гоце Стефкоски на тапани и Џијан Емин на втора гитара и клавијутури) се музичари кои цело време свират во разни проетки, па немаа никаков кондиционен проблем низ двочасовниот настап. Драган Гиновски-Гино, како и секогаш, повлечен и во сенка, но со уникатната боја и мелодија на неговата гитара - вечниот следбеник на волшебните стихови на Ристо Вртев.

По фантастичната најава на битолските херои: „‘Архангел’, во една реченица, најдобриот брак помеѓу македонскиот јазик и рокенролот“, следуваше настапот на „Архангел“ кој беше одлично прифатен од посетителите таа вечер. Првите четриесетина минути од концертот, „Архангел“ ги поминаа во изведба на песни од последниот албум, „Небесна машина“. Бавен, помалку и здодевен развој на концертот кој можеше да биде и поинаков. Летаргичното чувство беше прекинато со првите рифови на „Ладно оружје“. Делириум во салата (ги имаше неколку таа вечер). Средината и крајот на концертот донесоа пресек на првиот и третиот албум на бендот со акцент на високо почитуваниот „Архангел 2“. Нешто што овој концерт и требаше во целост да претставува. „Сениште“, „Луна“, „Зборови волшебни“, „Чудесен свет“, „Нова вера - нова библија“.... брилијантни композиции кои сè уште предизвикуваат лавина реакции кај слушателите. Кон крајот на концертот на изведбата на Heart Core, Вртев е уморен и ја препушта публиката да ја заврши неговата работа. Уникатно чувство за дај-хард фановите, досада за останатите. За бис, „Милион долари“ и една нова песна на „Архангел“, најава за новиот материјал на бендот. Би резимирал: без бавниот, развлечен старт на настапот на „Архангел“, овој концерт ќе имаше сосема поинаков, поконцизен тек.

Убаво е да се види дека „Архангел“ сѐ уште можат да соберат повеќе илјади луѓе на едно место. Убаво е да се слушнат класиките на овој состав. Тоа од една страна радува, а од друга кажува дека нашиот однос кон вистинските музички вредности и не е толку лош. Дека сепак, под купиштата и купишта ѓубре околу нас, нешто добро се случува тука!

рецензии, Life магазин, јануари 2011

David Sylvian
Sleepwalkers
(samadhisound, 2010)

Sleepwalkers е најновата компилација на песни приредена од David Sylvian, еден од најголемите музичари на нашето време. Збирка на песни направени во оваа декада меѓу кои колаборацијата со Ричи Сакамото во извонредната World Citizen ( I Won’t Be Disappointed), неколку песни од бравурозниот проект Nine Horses – Snow Born Sorrow, како и една нова песна, наречена Five Lines, колаборација со Даи Фуџикура. Всушност, компилација на песни направени со најблиските соработници на Силвијан: Жан-Филип Гордин ( ReadymadeFC), Крис Врена (Tweaker), Бурнт Фридман, Стив Јансен, Кристијан Фенеш, Стина Нордестан... Иако се работи за колекција на песни а не за нов албум, Sleepwalkers делува како една обмислена целина. Издание кое ќе ги привлече индиферентните и се разбира, ќе претставува обавезно четиво за дај-хард фановите. 16 композиции кои претставуваат пресек на работата на Силвијан од последнава декада, како и најава за идните чекори, те мало запознавање на работата со младиот јапонски композитор Даи Фуџикура преку единствената нова песна на овој албум - Five Lines. Партнерството со Даи Фуџикура ќе можеме да го слушнеме кон средината на 2011 година. Sleepwalkers е албум кој што секој серизоен љубител на музиката би требало да го има во својата колекција. Широк спектар на различни музички дискурси: од импровизација до поп. Сето тоа со прекрасниот вокал на Силвијан кој ги пее сите тие фантастични стихови. Убаво како првиот снег.

Nicotine
Nicotine
pmg recordings, 2010)

Nicotine е бенд составен од Сашо Митревски на бас гитара, гитара и вокали, Стефан Терпини на тапани и Милко Митровски (1975-2008) на гитара. Овој албум е снимен во далечната 2003 година и никогаш претходно не е издаден на носач на звук. По распадот на бендот Nicotine членовите тргнуваат по различни патишта: Сашо и Стефан ги оформуваат Millko (еден од најдобрите домашни инди состави во моментов) и ги издаваат мини албумите Don’t Let Them Win, и Changes. Милко Митровски, неколку недели пред да го напушти овој свет, под името Mr. Brown го издава одличниот истоимен соло албум, за етикетата на ПМГ Рекордингс. Истата издавачка куќа застанува зад единствениот албум на Nicotine и како свое 51 издание го додава на својот каталог. 11 композиции со траење од четриесетина минути кои се изградени врз влијанијата на британската инди музика и отпеани на англиски јазик. Неколку прекрасни композицци конечно го здогледаа светлото на денот (Magic Box, Serious, You and I, For You…), а ние добивме уште еден добар македонски рокенрол албум. Вин – вин сценарио.

The Books
The Way Оut
temporary residence, 2010)

Сакате нов пристап во правењето музика? Сакате неконвенцијална музика која не се срами да ве однесе во некои досега неистражени предели? Сакате експеримент, а сепак издржан музички продукт? Сакате музика која што не е на прва топка и од вас бара малку напор за да успеете да стигнете до поентата и конечно - до уживате во истата? Сакате артисти кои имаат моќ да ја издигнат музиката на едно ново еволуциско скалило? На крајот, дали можеби сакате сигурен, цврст доказ дека момчињата се послини од девојчињта? Тогаш, The Way Out на австралиското дуо The Books е вистинскиот албум за вас. Четрвртиот по ред албум на The Books претставува еден од најкавалитетните музички експерименти во последно време. Експеримент кој на крајот прераснува во ремек-дело. Едно од најдобрите изданија за 2010 година. Храбар албум за храбри слушатели.