Tuesday, May 17, 2011

ПОСЛЕДНАТА ЖИВА РОЗА

PJ HARVEY
Let England Shake
(Island, 2011)

Поли Џин Харви е една од најинтересните композитори на денешницата.
Нејзиниот талент е неспорен, јасно видлив уште од нејзините први
чекори, направени со помош на малата независна лондонска издавачка
куќа Too Pure во почетокот на деведесетите години од минатиот век. Оваа година се навршуваат дваесет години од издавањето на нејзиниот прв сингл. За тоа време Поли Џин Харви воопшто и не застана. Музичар кој не сака да се повторува, па затоа нејзините албуми претставуваат целосно различни музички доживувања. Секој нејзин нов албум е приказна сама за себе: нов музички дискурс за новите композиции. Доколку би морал да избирам (за помладите, нели!) би ги издвоил: деби албумот „Dry“ од 1992, потоа „Rid of Me“ од 1993, „Is This Desire?“ од 1998 и се разбира „Stories From The City, Stories From The Sea“ од 2000-та година. Кариера која непрестајно се развива и речиси цело време зацртува нови траси. Пред да се задржам на новото албумско остварување на Поли Џин, да ја споменам и кратката љубовна врска со Ник Кејв од средината на деведесеттите години - нешто што наликуваше на вистинска музичка романса.

„Let England Shake“ е нејзиниот осми по ред студиски албум. Вибрантно и возбудливо остварување кое со себе носи едно мачно чуство - дека тлото под нозете почнува да се тресе и станува јасно дека тоа баш и не е така стабилно. Песни директно инспирирани од и посветени на нејзината родна земја Англија - со јасен коментар и цврст став за англиските позиции во светот и сегашната поставеност на општеството на глобално ниво. 12 композиции со траење од четриесетина минути исполнети со тага, бес, летаргија. Насловната „Let England Shake“ експлозивно го отвора овој албум чијашто прва половина (читај: А-страна) е многу повозбудлива. Албумот е снимен зедно со нејзините долгогодишни соработници Џон Париш и Мик Харви во април и мај минатата година. Во некои од своите изјави пред појавувањето на албумот, видно возбудена, Пи Џеј Харви вели дека се работи за значајно скршнување во нејзината кариера и продукт кој се разликува од сѐ што досега снимила. Веројатно главното музичко обележје на овој албум е новата љубов на Пи Џеј – инструментот аутохарфа, присутен низ речиси сите песни. Ако посочуваме кон позанимливите композиции на овој албум, тоа дефинитивно би биле „The Last Living Rose“, „The Glorious Land“, „The Words That Maketh Murder“…
„Let England Shake“ е плоча којашто го отсликува духот на времето. Тоа, без двоумење е главната работа на било кој даден уметник. Поли Џин Харви израсна во музичар кој бега од медиокритетските клишеа кои ги диктира глобалната музичка индустрија и успева со сопствената музика да остави печат на времето во кое живееме.


КОЏАБАШИЈА, ФОЛТИН, СТЕВКОВСКИ
Penelope X
(Литиум, 2011)
Колаборација на домашни музичари кои се пресреќни што имаат прилика да работат заедно. Проект инициран од Никола Коџабашија, а ентузијастички прифатен од Фолтин и тапанарот Гоце Стевковски, снимен на самиот почеток на минатата година. Кратко, триесет минутно остварување кое и тоа како потсетува на Фолтин и нивниот уникатен музички израз. Сепак, поголемиот дел од композициите на оваа плоча се авторско дело на Никола Коџабашија, композитор којшто веќе некое време живее и работи во Лондон. Соработката со Фолтин делува сосема природно, како да се работи за одамна изгубениот член на битолскиот состав. „Penelope X“ е интересно остварување коешто нема да ве остави рамнодушни.

ЉУБОЈНА
Ljubojna in Life
(LIFE магазин, 2011)
Љубојна е единствениот домашен состав кој на оригинален и уникатен начин го инкорпорира македонското музичко наследство во сопствената музика. Без никакво силување на народниот мелос (не постои нивна верзија на „Јовано, Јованке“ на пример), туку напротив – внимателно користење на музичкото наследство од овие простори во создавањето на нивните композиции. Се работи за концерт снимен во живо, отсвирен минатата година во Универзалната сала во Скопје. Отсвирен одлично, овој концерт со себе носи и еден „панк“ сензибилитет кој нема да го забележите на нивните студиски снимки. Во исчекување на новиот материјал на Љубојна, уживајте во „Ljubojna In Life“, подарок за верните читатели на нашиот магазин.


МУЗИЧКИ РЕЦЕНЗИИ, Life Магазин, април 2011.

No comments:

Post a Comment