Thursday, December 30, 2010

Never Get Old

Better take care
Think I better go, better get a room
Better take care of me
Again and again

I think about this and I think about personal history
Better take care
I breathe so deep when the movie gets real
When the star turns round
Again and again
He looks me in the eye says he's got his mind on a countdown 3-2-1
Forever

I'm screaming that I'm gonna be living on till the end of time
Forever
The sky splits open to a dull red skull
My head hangs low 'cause it's all over now

And there's never gonna be enough money
And there's never gonna be enough drugs
And I'm never ever gonna get old
There's never gonna be enough bullets
There's never gonna be enough sex
And I'm never ever gonna get old
So I'm never ever gonna get high
And I'm never ever gonna get low
And I'm never ever gonna get old

Better take care

The moon flows on to the edges of the world because of you
Again and again
And I'm awake in an age of light living it because of you
Better take care
I'm looking at the future solid as a rock because of you
Again and again

Wanna be here and I wanna be there
Living just like you, living just like me
Forever
Putting on my gloves and bury my bones in the marshland
Forever
Think about my soul but I don't need a thing just the ring of the bell in the pure clean air

And I'm running down the street of life
And I'm never gonna let you die
And I'm never ever gonna get old

And I'm never ever gonna get
I'm never ever gonna get
I'm never ever gonna get old

And I'm never ever gonna get
And I'm never ever gonna get
Never ever gonna get old

http://www.youtube.com/watch?v=qABweRPBfII

that was a david bowie song.

Добродојдовте во реалноста

David Bowie
A Relity Tour (Live In Doublin)
Sony 2010



Дејвид Боуви е најголемото име во светот на современата музика. Роден далечната 1946, неговата долга музичка карира се протега низ два века, неколку декади и безброј музички стилови. Нешто што е заедничко за разните периоди од животот на Боуви е кавлитетот на музиката. Од самиот почетокот на неговата кариера, преку „мејнстрим„ фазата од осумдесеттите, до Reality и Heaten албумите од 21 век. Цел еден куп квалитни поп композиции. Одличен предуслов за добар концерт.
Reality турнејата, сега за сега е последната светска турнеjа на Боуви. За жал, истата не е довршена поради здраствени причини. Боуви доживува срцев удар и оттогаш неговите ангажмани во музичкиот свет се минимални. Шансите за уште една светска турнеја не се баш големи. Во 2004 година во продажба се појавува A Reality Tour DVD, извонреден видео документ за последната турнеја на Боуви, додека оваа година во продажба се појави и аудио ЦД од истиот концерт со плус неколку бонус песни кои ги нема на ДВД изданието.
Да се задржиме на концертот. Фасцинацијата доаѓа од повеќе страни:
1. Должината на концертот. 33 композиции поместени на два компакт диска со времетраење од околу два ипол часа. Ова е тоа што луѓето го нарекуваат „концерт за паметење„.
2. Бендот. И самиот Боуви во еден момент на концертот е изненаден од луѓето околу себе. Инспиративно. Изведбата на песните е приказна сама за себе. Некои познати Боуви класики звучат подобро од било кога (Loving The Alien, Life On Mars, Changes, Ashes To Ashes...) Нови аранжамни, нова димензија. Бендот на Дејвид Боуви делува како најдобриот бенд на светот.
3. Новите песни на Боуви (земени од последните негови албуми (Heathen и Reality) му даваат на овој концерт врска со новото време, и отсвирени во овој контекст, помеѓу сите тие класики звучат вонвременски. Обратете вниманеи на Reality, Heathen, New Killer Star и Never Get Old. Нови изненадувања за новите генерации.
Без разлика на фактот како понатаму ќе се развива кариерата на Боуви, овој негов концерт претставува фантастичен документ за најинтересната музичка кариера на нашето време. Неговиот глас, изглед, став и енергија тераат на повторно преслушување. Моето омилено музичко четиво за оваа година.
Кон крајот, Ziggy Stardust звучи како најдобрата песнас на сите времиња, за да концертот заврши со проклето добра изведба на China Girl. Концерт важен за неколку генерации вљубеници во музиката. Купи! Купи! Купи!

Kanton 6
Rock E.P.
Turbo Volk E.P.
pmg recordings 2010

Kanton 6 се Синиша Ефтимов (театарски режисер, гитарист во ПМГ Колектив) и Мирко Попов (диск-џокеј, радио водител, вокалист во ПМГ Колектив). Нивната работа со Кантон 6 датира од 2000 година, но овој проект ретко кога претставувал главна преокупација во нивната заедничка работа. Еден типичен сајд-проект. Изданието Rock, всушност се селектирани 3 композиции направени во 2001 година од кои 2 за прв пат се достапни на пошироката јавност. Ова издание ги содржи Grapes и Plastika, техно продуцирани композиции како и легендарната игра со препознатливите семплови од светското музичко наследство на "хитот" Rockaroundtheclock.
Turbo Volk е пресек на новата работа на бендот, всушност најава за деби албумот со работен наслов The Year Acid House Broke кој треба да се појави во скоро време. Две прекрасни есид-хаус композиции (Fake & Gay и Havin' It Large) изградени врз најдобрите моменти од вонвременската есид-хаус култура. На моменти како да слушате некоја стара класика од овој жанр. Се додека употребата на македонскиот јазик не ве потсети каде се наоѓате. Едноставното е генијално.

Duke B.
NY a.m.
pmg recordings 2010

Новиот албум на Дуке Бојаџиев, New York A.M.во издание на домашната Пмг Рекордингс. Се работи за еден од најистакнатите македонски музичари на новото време. Живее и работи во Њујорк. Издава музика релативно често (ова е неговиот 6ти албум), а во неговото творештво покрај современите музички влијанија, можат да се забележат и влијанија од македонското музичко наследство. New York A.M.претставува колекција од 12 композиции, жанровски различни, кои според авторот се блиски до атмосфарата на ноќните њујоркшки саати. Ако мораме да посочиме на една, тоа дефинитвно ќе биде Факт, композиција направено заедно со Bernays Propaganda.

Tuesday, December 28, 2010

македонците и телевизијата: декември 2010

МАКЕДОЛАМБАДА

Овој текст ќе понуди некои размислувања околу телевизијата кај нас и колку таа придонесе да се изместат вредностите во нашата бескрајна транзиција. Пар белешки како некои вредности добија нови толкувања


За јазикот.
Ќе започнам со единственото нешто што би морало да остане недопрено и неизвалкано. Освен тоа, јазикот употребуван во најмоќниот од сите медиуми би морало да служи за пример. Ете конфликт на самиот почеток. Ниту една ТВ-станица нема вработено лектор. Тука не зборуваме за филтрирање на јазикот користен во разните ток-шоуа, туку на чист, литературен јазик во вестите, документарните програми и титловите со превод на филмовите. Не. Освен што нема правилен македонски, секојдневно се судираме со недозволиви грешки (лошо акцентирање, грешни конструкции, дијалекти, па дури и неправилно користење одредени зборови). Секојдневно! На вести, на сите телевизии! Најмоќниот медиум сосема опуштено и без престан користи неправилен јазик. Грешки од секаков тип кои често на дадената тема и’ даваат димензија на бурлеска. Од друга страна, пак, сите пишани медиуми мора да имаат вработен лектор, и на крајот на денот јас тука не смеам да се служам со јазикот присутен на ТВ-станиците. А баш би сакал. Би сакал да им се обратам на нивниот јазик.

За естетиката.
Не би можел да го заобиколам „Миленко Неделковски шоу“. Шоу. Тоа е убав збор. Сценографијата во студиото, пак, не е убава. Не е убаво патика да биде дел од сценографија. Не е убаво кога водителот нон-стоп погледнува кон мониторот и си ја подместува фризурата. Не е убаво кога се седи свртен кон камерата ноншаланто завален во столчето. Не е убаво да се зборува убаво за себе.
И неговиот колега од истата фреквенција, симболот на невкусот кај нас, господинот Драган Вучиќ. Неговото ново шоу визуелно изгледа исто како и тоа пред него, и тоа пред него... Не е убаво. Музички е многу појако. Пред некој ден емисијата беше отворена со најавната тема од серијата "Династија" отсвирена во живо. Бесценето. Гостин, покрај бугарската пејачка, Панки - вокалистот на „Куку-леле“. Истиот тој што пред некое време беше уапсен во Италија за злоупотреба на кредитни картички, зборува за професионалните (пејачки) ангажмани. Не е убаво, нели?
Кога сме кај естетиката, би ја споменал и емисијата „Нешто убаво“. Тоа беше моето омилено ТВ-шоу. Водителката и нејзиниот „сајд-кик“ готвач успеваа да допрат до некои неистражени подрачја. Како кулинарски, така и општествени. Потоа исчезнаа. Беа заменети со тим нималку забавен како нивниот. Разочарувањето коешто беше огромно, за среќа заврши доста брзо со нивната миграција на Канал 5 во шоуто „Заеднички ручек“. Да, животот е убав...
Се надевам дека гледате „Браво шоу“. Тоа е најдоброто македонско ендемско ТВ-шоу во моментов. Се емитува на А1 и сигурен сум ќе биде предмет на поширока анализа во еден од следните броеви на „LIFE“. Водителското трио Сузана Турунџиева - Жанко З’ш - Ранко Рангелов успева секоја наредна епизода да изненади со широка палета нови естетски вредности. Згора на тоа, нивните обиди за хумор се навистина забавни. Едно комплетно македонско ТВ-шоу.

За вредностите.
Гостувањето на господинот осуден за злоупотреба на кредитни картички ме натера да размислувам на темата. Кога тоа кај нас вредностите добија нови толкувања? Кога тоа криминалот стана кул? Прво нешто на што ми текнува е Велибор Џаровски - Џаро и неговите бескрајни приказни за случките кога со „итрина“ и „заобиколување на законот“ уште „на времето“ во Југославија успевал да стигне до посакуваниот резултат. Џаро беше првиот. Сето тоа „во живо“ на вашата омилена ТВ-станица. Кога сме кај Џаро, не можам да ја изоставам најавната/одјавна шпица за неговото ново шоу на Канал 5 наречено „Џаро плац“. Зборовите се недоволни да се долови аматеризмот, невкусот и плиткоста на овој ТВ-џингл. Ремек-дело или ако сакате прво место во категоријата „македонски ендемски ТВ-џингл“. Да се вратиме на вредностите. Џаро беше првиот. По него само се редеа нови, нови и нови. Нови играчи кои преку ТВ-станиците ги извртуваа вредностите пред очите на аудиториумот. Телевизијата некогаш е проклета работа. Знаете, таму често може да се види одреден господин како се колне во едно а потоа прави друго. Покрај другото, телевизијата е сведок. Таа сведочи како еден наш водител, на пример, на почетокот на својата кариера имаше ужасно расипани заби. Потоа забите се поправија. Често ваквите примери се однесуваат на ставови кои со текот на времето се менуваат и, обратно од забите на симпатичниот ТВ водител - се расипуваат.

За „Еднооки“.
Сатирата е одлично средство за изразување. Овозможува директни коментари на конкретни работи. Ќе се сложите, нешто што одговара на нашето плодно поднебје. „Еднооки“ следејќи ја карикатурата како жанр успеваат успешно да коментираат одредени општествени појави и жално е што ова е единственото такво ТВ-шоу кај нас. Јофе и Весна Бејби би можеле на ист начин да стигнат до поентата. Но, прво би требало да запишат краток курс по цинизам па потоа повторно да се обидат.
Некои директни коментари, надополнети со доза здрав хумор го издигнуваат „Еднооки“ на врвот на домашната ТВ-продукција. Иако во последно време може да се насети наклонување кон одредена политичка опција, „Еднооки“ претставува единственото домашно ТВ-шоу кое држи до себе и успева на навистина кул начин да го коментира општеството, често директно стигајќи до самата поента. Пример: во една постара епизода (во времето кога на власт беше СДСМ), Јани Макрадули се труди да објасни дека тој е на власт. На ова негово „крекање“ се одѕива Штерјо Наков кој со багер го прегазува и го тера у... Е, тоа е смешно. Во исто време, ја кажува вистината. Нешто што Џаро никогаш нема да го направи...

Friday, December 24, 2010

2010: Стварно добра година

Ова се моите 10 омилени албуми за оваа година. Искрено, меѓу мене и вас, најмногу го сакам албумот на местото број 5. :) Златна средина...


1. !!! - Strange Weather Isn't It? (warp)
2. Brendan Perry - Ark (cooking vinyl)
3. The Books - The Books (temporary residence)
4. LCD Soundsystem - This Is Happening (dfa)
5. PMG Kolektiv - Da4 (pmg recordings)
6. Nicolas Jaar - 6 Edits (wolf & lamb)
7. David Sylvian - Sleepers (samadhisound)
8. The Roots - How I Got Over (def jam)
9.Bernays Propaganda - My Personal Holiday (pmg recordings/moonley/направи заедно)
10. Елоквентни господа - Елоквентни Господа (токсикологија рекордс)

Изборот за најдобар албум за 2010 според Канал 103 ќе се емитува во живо, во недела 26ти декември во 12 часот. Не заборавајте да слушате! 103 ФМ, или стриминг на www.kanal103.com.mk

Thursday, December 23, 2010

рецензии - музика; Life магазин, ноември 2010

The Roots - How I Got Over (Def Jam, 2010)
Деветтиот по ред албум на американскиот хип хоп состав The Roots. Нивната кариера започнува во далечната 1987 година, а првиот албум го издаваат во 1993. Оттогаш, виновни се за некои навистина успешни албуми, но и пар незобаравни, веќе класични хитови (You Got Me, The Seed,…). How I Got Over звучи како најзрелото издание на овој состав, со неколку прекрасни композиции на него (Radio Daze, Now Or Never, How I Got Over). По преслушувањето, станува јасно дека се работи за музика изградена врз најдобрите традиции наследени од фанк, соул и рокенрол културите. Препорачуваме.

Елоквентни Господа - Елоквентни Господа (Токсикологија рекордс, 2010)

Директен производ на транзицијата помешана со чисто улично воспитување. Ова е бенд во кој меѓу другите членува веројатно најполуларниот рапер кај нас Салаткаристика. Се работи за хип хоп плоча, дебитантска за Елоквентни Господа. Фасцинацијата доаѓа од првиот момент на преслушувањето на овој албум. Не музички, туку текстуално. Маркери: менување на букви во одредени зборови (ч = ќ), типичен уличен јазик и многу, ама многу пцвоки кои неретко ја доловуваат есенцијата на уличниот живот од скопските предградија. Реков, директен производ на нашата бескрајна транзиција. Доколку вашите деца-тинејџери ги слушаат Елоквентни господа, бидете сигурни дека некаде сте погрешиле со воспитувањето.

Фонија – Петар Пан синдром (ПМГ рекордингс, 2010)
Фонија се паметни деца. Да, паметни деца. Доколку вашите деца-тинејџери слушаат Фонија, бидете сигурни дека воспитувањето не било залудно.
Се работи за вториот албум на овој скопски состав, наследник на Параноја од пред неколку години. Фонија се тинејџери кои свират панк-рок. Класична рокенрол постава: тапани, бас, гитара, глас. Петар Пан синдром е албум што се преслушува за доручек: 13 песни, 29 минути. Знаете, панкот сеуште претставува супер начин на изразување. Пеат на македонски јазик што само ја надополнува убавата приказна која веројатно е на самиот почеток. Сакаме уште!

Nicolas Jaar - 6 edits L.P. (Wolf&Lamb Music, 2010)
Николас Жар е роден во Њујорк а израснат во Сантијаго де Чиле. Во деведесетите се враќа во Њујорк каде што моментно живее, работи и студира. Овој млад музичар успева да ја врати вербата во електронсаката денс музика која каска во место во изминативе десетина години. Во музичкиот свет дебитира со Е.П.-то The Student, кое го издава на 17 годишна возраст.
Овогодинешниот 6 Edits L.P. е прекрасно албумско остварување кое успева да звучи “вистински“ во било кој даден амбиент: диско-клуб, автомобил, плажа, ресторан...
Како што кажува насловот, се работи за 6 композиции низ кои освен прекрасната атмосфера провејуваат и некои познати семплови од светското музичко наследство. Николас Жар е артист кој сеуште се развива, а неговиот неспорен талент укажува дека ова е име кое не смееме да го испуштиме од нашиот вид.

Среќни сме што живееме во Белгија

Интервју: Питер Вирмиирхс (Flat Earth Society)


Питер Вирмиирхс е крајно интересен соговорник. Веројатно е најпознат по работата во „Х-Legged Sally“ - белгиски бенд од крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години, додека неговиот сегашен состав „Flat Earth Society“ е еден од најбараните европски биг-бендови. Во неговата музика често провејуваат коментари за историски личности, но и политички ставови за моменталната светска ситуација. Свири кларинет, алт саксофон и клавијатури, компонира, продуцира и издава музика. Познат е и по својот хумор, но и зајадливите забелешки за разни политички и социолошки прашања. „Flat Earth Society“ настапија за прв пат во Скопје, во рамките на 29. Скопје џез-фестивал.

Одличен концерт минатата вечер. Кажи ми нешто повеќе за вашите импресии од настапот на Скопскиот џез-фестивал.
Сите од бендот беа многу среќни. Вчера беше напорен ден, моравме да се разбудиме во 5 часот наутро, па пoтоа во автомобил, па во воз, па на авион... Стигнавме во Скопје околу 4 часот и веднаш моравме да направиме тонска проба. Тоа е тој глупав дел пред настапот кога знаеш дека си пристигнал, а всушност баш и не знаеш каде си, уморен си, а баш и не си... Многу е важно како ќе те прими публиката, а луѓето вчера беа фантастични. Салата беше одлична. Ми се допадна. Имам учено архитектура, не музика, и навистина ми се допадна акустиката на местото. Со ваков бенд можеш да свириш многу гласно или, пак, многу тивко, тешко е да се најде некоја средина. За да се постигне тоа, потребна е добра акустика и мислам дека тоа го имавме вчера. Добрите услови за свирка придонесоа сите ние да се опуштиме и да се чувствуваме добро за време на настапот. Кога ќе ги добиеш овие услови за работа, нешто се случува, музичарите се опуштени па и композициите можат да отидат во некој нов правец. Сето тоа се случи вчера, а јас можев да видам само среќни лица околу мене...

Во музиката си присутен од 1978 година, што значи дека веќе зад себе имаш 30-годишна кариера. Многу бендови во многу различни периоди. Би можел ли да го издвоиш твојот омилен музички проект?
Да, веќе имам 50 години. Ха-ха-ха... Омилен проект, веројатно секогаш е тој што во моментот го работиш. Имам проблем да ја слушам својата музика. И не го правам тоа. Немам потреба. Слушам своја музика, но тоа секогаш е постара музика, нешто што сум изработил пред многу години. Не знам кој проект ми е омилен, знаеш, тоа често зависи и од контекстот. Некогаш дури добивам понуди повторно да работам со „X-Legged Sally“, но не мислам дека тоа е добра идеја. Таа приказна е завршена, јас сум многу постар... Тоа е како да го прашаш таткото кое дете му е омилено. Дури и да се хендикепирани, ти ги сакаш своите деца.

Пред неколку години компонираше музика за немиот филм „The Oyster Princess“, на култниот режисер Ернст Лубич. За што поточно станува збор?
Мислам дека тоа е еден од нашите најдобри проекти. Прилично е модерно во моментов, многу музичари се занимаваат со изработка и изведба на жива музика за филм. Кај мене отсекогаш постоела фасцинација за дијалогот што настанува помеѓу филмот и музиката. Во тоа време беше пронајден еден загубен филм на Ернст Лубич, „Die Austernprinzessin“ од 1919 година. Откако беше реставриран, го добив филмот, го изгледав и веднаш знаев дека се работи за добар филм. Кога гледаш постари филмови е потешко, ги гледаш на друг начин. Не сме навикнати да гледаме неми филмови. Многу од тие класици од ерата на немиот филм се предолги. Дури и најголемите класици, за нас се предолги. Имаме друг начин на перципирање на информациите. Овде го нема тој проблем! Филмот трае еден час, ја има должината и е навистина смешен, тоа е филм кој гризе. Мене, лично, многу ми се допадна. Тоа и ми олесни во компонирањето на музиката. Бев интригиран на повеќе нивоа. Би морал да го погледнеш! Убавата работа е што на луѓето сето тоа им се допадна. Свириме за време на проекциите и, всушност, свириме за луѓе кои се дојдени да го видат филмот а не да ги слушаат „Flat Earth Society“, луѓе кои веројатно никогаш не дошле на наш концерт. И тоа е убава работа, кога имаме можност да се обраќаме на нова публика...

Веќе некое време ја водиш својата издавачка куќа „Zonk!“. Која беше причината да основаш сопствена издавачка куќа?
Па причината е класична. Издавачките куќи не се баш заинтересирани за нашата музика, па сами ја издаваме. Но, главниот проблем доаѓа со дистрибуцијата. Ако немаш добра дистрибуција, немаш ништо. Имаме договор со „Crammed Discs“, но за нашиот последен албум немаме дистрибутер, па тој може да се набави само на нашите концерти или, пак, да се нарача онлајн. Толку многу промени во светот во последно време, а јас баш и не сум заинтересиран за сите тие процеси. Порано дури и имав некои состаноци со луѓе од „ЕМИ“, но јас не сум заинтересиран за тоа. Сакам да бидам инволвиран во процесот, а кога работиш со голема издавачка куќа, едноставно не си вклучен 100%. Не знам што сакаат тие луѓе. Не ги разбирам!

Гледано од овде, музичката сцена во Белгија е една прекрасно развиена гранка, каде што музичарите и стиловите се испреплетуваат и се почитуваат. Дали навистина тамошната музичка сцена е ваква?
Некогаш има и силни караници. Има секакви музичари. Повеќето од нас уживаат во слободата. Секое утро сфаќам во каква неверојатно комотна ситуација се наоѓам. Добро, веќе имам 50 години и мислам дека сум изработил за да ја имам оваа слобода. Секое утро се прашувам што ќе работам денес: дали тоа ќе биде румба, фри џез или нешто трето... Тоа во Белгија е луксуз, но и потреба. Земјата е мала и музичарите се познаваат меѓу себе. Битно е да се каже дека жанровите се испреплетуваат. Разни музичари свират разни стилови. Контактите се директни. Ако ми треба гитарско соло, на пример, знам точно каде да се обратам. Музичката сцена во Гент, исто како и во Брисел и Антверпен, е многу развиена. Секоја вечер некој нешто организира и навистина е многу интересно. Мислам дека сме среќни што живееме во Белгија.

Познат си и по твојата работа како продуцент. Која е твојата агенда? Каква музика сакаш да продуцираш?
Не сакам да имам кариера како продуцент. Не би било можно да работам често како продуцент. На некој начин тоа е и досадна работа. Ете си ти во студио, седиш и ги гледаш луѓето од бендот како креираат нешто. За да продуцирам некој бенд, мора да ми се допаѓа што тие работат. Не сум Брајан Ино, немам некој посебен рецепт. Мислам дека треба да им наметнам пријатна атмосфера за работа на музичарите. Сакам тие да се чувствуваат дека прават музика, а не албум. Значи, треба да ја направат музиката, а потоа техничарот т.е. продуцентот треба да го направи албумот. Пред некое време работев со „Madensuyu“, белгиски бенд - дуо, гитара и тапани, навистина се фантастични. Беше убаво да работам со нив.

Твоето име прв пат го имам сретнато во 1994 година како продуцент на деби албумот на dEUS - Worst Case Scenario. Те молам, ќе ја разрешиш ли мистеријата за мене? Вистинскиот изговор на твоето презиме?
Вирмиирхс. Пробај!

Како е да се работи со биг-бенд?
Од организациски аспект е тешко. Свирењето е добро. Тоа е биг-бенд, но акцентот е на бенд. Нема разлика помеѓу група од четворица и група од 15 музичари. Организациски е тешко, некои музичари како нашиот тапанар на пример, свират цело време. Цело време се на некоја турнеја, секогаш некаде на другиот крај на светот. Тешко е и за договарање настапи. Некогаш организаторите сакаат да те букираат една година пред настапот, а со нас тоа не секогаш е можно.

Питер, ти благодарам за времето што го одвои за ова интервју, благодарам и за прекрасниот концерт вчеравечер. Се надевам дека повторно ќе бидеш гостин на нашата земја.
Да со задоволство, ако вашата земја сѐ уште постои...

Thursday, December 2, 2010

Македонците и телевизијата ноември 2010

Бате, јас овој хумор не го разбирам

Недела навечер. Телевизија Сител. Пакет-аранжман, пригодна програма. За секого по нешто, за нас, ух, ништо.

Телевизија Сител. Едно од најсилните упоришта на македонската транзиција. Тука домашниот невкус добива совршени услови за живот, развој и прогрес. Тука македонските ТВ-програми без исклучок го добиваат епитетот ендемски. Во недела навечер, во последно време, Сител нудат издржана пакет-програма која би требало да ја заокружи работната седмица. Во 19 часот „Македонски приказни“ (види „LIFE магазин“ број 48). Веднаш потоа „Од денес за утре“, домашна ТВ-серија.
Станува збор за серија во режија на Иво Лауренчиќ, сценарио на Братислав Димитров и Предраг Перишиќ и музика на Ристо Самарџиев. Во прилог, дел од размислувањата на креативниот тим, преземени од официјалната веб-страница на серијата. „По подолго време, во Македонија ... започнa да се снима нова телевизиска серија, ’Од денес за утре’, која според содржината, актерскиот тим и авторскиот тим ќе биде вистинското освежување за домашниот аудиториум... Амбицијата на режисерот Лауренчиќ и на неговите соработници во проектот е истиот да ги мине локалните бариери и да стане серија која ќе се емитува на програмите на регионалните ТВ-станици … припаѓа на жанрот комедија и ги има најдобрите одлики на квалитетна хумористична серија, а на гледачите ќе им понуди пријатни моменти за опуштање, во овие тешки времиња. Серијата ’Од денес за утре’ е предвесник за некои поубави и посреќни времиња. Тимот кој работи на серијата, уште на стартот постави многу високи стандарди, како што се работи во светот, што е своевиден гарант за квалитет“.
Сега малку за реалноста. „Од денес за утре“ е серија којашто ниту по еден параметар не се разликува од досегашните обиди да се сними привлечна, градска, популарна домашна ТВ-серија којашто публиката ќе ја очекува со нетрпение и, се разбира, со задоволство ќе дискутира за најновите проблеми на главните протагонисти. Во случајов, семејството Броз. Иронично или не, ми се чини дека името на семејството околу кое се случува дејството во серијата останува единствениот адут за посакуваниот „пробив на регионалните ТВ-станици“. Повторно старите добро познати проблеми на речиси секоја домашна ТВ-продукција. Едноставно, производот не е дораснат да парира на ниту еден ТВ-продукт (нормално, странски!). Знаете, тука не се работи за луксуз, туку за потреба. Странските ТВ-продукти се секојдневие на секој сериозен љубител на овој медиум. Тука нема простор за симнување, напротив тука има простор исклучиво за достигнување на повисоките, во случајов „странски“ критериуми. На крајот, за жал, оваа серија не успева да се подигне од просечноста, досадата и веројатно главниот проблем - наивноста во речиси сите нивоа. Овој наш ТВ-продукт воопшто и не успева да им се приближи на регионалните ТВ-сапуници. Со исклучок на црногорските и босанските со коишто имаме „сличен ТВ-вкус“ (албанската ТВ-продукција не ја познавам, така што тука не би можел да коментирам). Ако навлеземе подлабоко, ќе наидеме на многу причини за ваквиот краен производ. Актерите не успеваат да не убедат со ниедна своја реплика дека нивниот „живот“ всушност „се случува“. Прво нешто на што помислувам е дека Влатче Морал баш и не морал да стане глумец. Но, не е така едноставно. Тука има и актери кои се веќе етаблирани (добри!), но овде изгледаат крајно наивно (Сенко Велинов и Ѕвезда Ангеловска, на пример). Како и актерската игра, така и сценографијата воопшто не успева да нè убеди во приказната: по чуден сплет на настани на семејството Броз му се укажува шанса за бизнис со крзно на визони, па тие се тука, во бањата т.е. во кадата! Визони во када. Слатко.
Сценариото е јадрото на делото. Воопшто нема да навлегувам во сижето на приказната и ќе се задржам на дијалозите. Едноставно е: никој во Македонија не зборува како во серијата. Како и во сите други македонски ТВ-продукти, и тука на гледачот му е скратено правото да се идентификува со јунаците од серијата. Тие (гледачите од една, и ликовите од серијата од друга страна) иако говорат на ист јазик, не се изразуваат на ист начин. Ќе се задржам само на еден, навидум банален пример: Томче Броз (Сенко Велинов) и Боге Броз (Диме Илиев) се браќа близнаци, средовечни луѓе. Средовечни луѓе кои меѓусебно си се обраќаат со зборот: Бате. Бате! Сосем сум сигурен дека доколку го употребам овој збор да му се обратам на мојот брат близнак (во реалниот живот, се разбира), ќе добијам шлаканица по лицето.
Во целата таа „несериозна сериозност“ којашто провејува во сите сегменти, се надоврзува и најавната/одјавната шпица придружена со песната направена специјално за серијата „Од денес за утре“, авторско дело на Ристо Самарџиев. Просечна композиција којашто воопшто не наликува дека ќе побуди каков било интерес на „регионалните ТВ-станици“. Тука, всушност, би требало да бидеме најсилни во очите на соседите: Македонци = добра музика.
Неделната програма на ТВ Сител продолжува со српската серија „Село весело“ („Сељаци“, продукција на ТВ Пинк) којашто содржински има тенденција да се занимава со рурални проблеми, а на моменти визуелно изгледа едно ниво покул од нашата. Индиската серија „Бандини“ убаво ја финишира неделната вечерна програма на ТВ Сител и само ми ги потврдува општите согледувања за оваа телевизиска куќа изнесени во почетокот на текстот. Пред да завршам, да расчистиме една работа: ниту една македонска ТВ-станица и ретко кој македонски ТВ-продукт успева да побегне од карактеристиките кои сами си ги задаваме ракувајќи со глобалниот подарок, нејзиното височество Телевизијата. И тоа воопшто не е лошо. Па, нели сме Македонци?! Се занесов, на ТВ веќе почнал неделниот Дневник. Знаете, далечинскиот управувач сигурно се наоѓа во листата на топ-три најкорисни човечки алатки. Одиме на Канал 5...

Thursday, November 4, 2010

Големиот исчекор

Од она што можам да го видам/слушнам/прочитам наоколу можам да заклучам дека е навистина рано за промена и големиот исчекор на човештвото. Големиот исчекор. Не знам за вас ама јас верувам во тоа. Верувам во човештвото. Верувам дека еден ден ќе стигнеме до златната „стар трек“ фаза. Репликатори, телепортирање и слични срања. И веројатно најважното - јасна дисктинција што е добро а што зло. Или ако сакате што е дозволено а што не. И тоа не по некој пишан, напротив, тука мислам на непишаните космички закони! (Пример: дури и мачорот знае дека не треба да го ебе малото, бебе маче, нели?) Викајте ме наивен, ама јас стварно верувам во човештвото издигнато на тоа толку посакувано ниво, убаво насликано во која било епизода на Стар трек серијалот. Веројатно главниот проблем настанува кога ми станува се појасно и појасно дека ако се случи, таа промена ќе дојде покасно, а не порано. (Не знам како да се изразам на својот мајчин јазик! Сакам да кажам: Later rather than sooner.) И она што највеќе ме плаши, ако таа промена се случи, тоа ќе биде врз грбот на незадоволните и гладните, т.е. со уште еден масивен светски конфликт.
Од она што го гледам во својата држава, можам јасно да видам дека крајот е тука некаде. Онаму, зад аголот. И опасно се приближуваме до него. Распадот е видлив на повеќе нивоа и од повеќе агли. Мислам дека за многу кратко време ќе останеме без она малку што го имаме. Без центар на моќ т.е. главен град, без репрезентативен спорт, без идентитет и на крајот без јазик. И сето тоа порано а не покасно. (Sooner rather than later.) И воопшто несакам да размислувам што тоа ќе ни се случи: дали ќе имаме некаква автономија во рамките на некоја соседна држава; дали можеби ќе бидеме поделени лапо-лапо (тоа е пола-пола за сите вас без трунка фантазија) помеѓу заинтересираните соседни национални држави... Или пак резултатот ќе биде нешто што не можеме да го замислиме. Имено, покрај нас македонците, целиот свет како да виси на работ на бездната.
Банкарите владеат со светот. Заедно со кралицата, се разбира. Енглеската кралица, нели. Претседателите, премиерите, амбасадорите и организацијата на Обединетите нации се само инструмент во рацете на олигарсите на власт. Тоа е јасно како ден, нели? И тие се тука да останат, а не да си заминат. И целосно и константно ја злоупотребуваат својата положба на тој начин создавајќи уште поголем хаос, незадоволство, сиромаштија. Со исценирањето на еконмски, еколошки, здравтсвени и друг тип на кризи, едноставно „нема време“ да се размислува за развој на Африка, неразвиените делови на Европа, Азија и јужна Америка. Освен што тие подрачја ќе останат нерзавиени, црни денови живеат и развиените делови на светот: целосен колапс на американската економија, банкрот на Грција, Исланд и веројатно на Шпанија, Италија, Португалија, Хрватска... Кога бројките ќе се стават на хартија се доаѓа до една огромна цифра незадоволен, ако сакате угнетен народ. Немирите во Франција како да се само предвесник за немири во сите најразвиени светски економии.
Џералд Селенте, основач на The trends research institute од Њујорк предвидува “втора американска револуција“ чин со кој американците повторно ќе треба да извојуваат слобода од наметнатиот англиски банкарски систем. По извојувањето на независноста од Англија и формирањето на сопствен банкарски ситем, со низа закони од крајот на ХIX и почетокот на ХХ век големите банкарски корпорации “на мала врата“ повторно стануваат главен играч во американската политика: тие се тие што кажуваат како да танцува политичарот. Имено, од Вудроу Вилсон па наваму (претседател на САД 1913-1921) сите американски претседатели се избрани по клуч на олигарсите и, се разбира, танцуваат по нивните ноти. Единствено ЏФК, иако финансиран од истите тие олигарси пред да биде избран за претседател, “води своја“ политика: на своја рака повлекува нешто од американските трупи во странство, дури и зборува за вселенска програма, за да на крајот нели, не успева да биде побрз од куршумот. Некои американци велат дека ЏФК е последниот вистински претседател на САД. Од друга страна, сегашната администрација на САД со Обама на чело е „најбанкарската“ влада што САД било кога ја имале. Главните функции се распределени на луѓе од Волстрит и само од Волстрит. Чиста банкарска влада направена од банкарите за банкарите. Џералд Селенте предвидува целосен колапс на доларот во блиска иднина, нешто што, како што самиот вели, ќе биде катализатор за „втората американска револуција“.
И додека чика Селенте вели дека Америка ќе биде центарот на почетокот на уште еден масивен конфликт, јас не би го исклучил европскиот континент како бомбето од каде што све ќе започне. Нова масивна војна, со многу жртви, болести, страдање и глад. Да, можда ќе треба со пушка во рака да идеме преку планината. Не сум сигурен против кого тоа би се бореле... ама ако новиот масивен светски конфликт не донесе поблиску до “стар трек ерата“ сосем сигурен сум дека јас нема да размислувам многу. Ќе одам да придонесам. Притоа ќе бидам оптимист: некој мој наследник ќе има репликатор во својата дневна соба.

Wednesday, November 3, 2010

Македонците и телевизијата


Мислам дека имаме хит
 


Нас ни е стварно супер. Немаме мрднато ни со малиот прст а сепак сме ја наследиле телевизијата како цивилизациска придобивка. И сега произведуваме ТВ програма. Онака како што ние мислиме дека треба, онака како ние сме си замислиле. Производот? Неретко генијален. Со многу лош хумор, без вкус, често против сите правила диктирани од употребата на подвижните слики. Македонците и телевизијата. Една убава приказна…

Ете ме мене повторно во мојата омилена позиција. Фотељата - удобна; нозете - испружени; кафето  - силно; далечинското - на дофат; сликата кристално чиста. Можам да престанам да размислувам за црногорците и како тоа нивната ТВ продукција е оригинална и ендемска речиси како нашата. Најдобро ќе биде да се нурнам во синиот свет. Денеска на менито: македонски народни приказни.
Вистина е дека се работи за еден од најуспешните, па ако сакате и најдобрите македонски ТВ продукти. Имаме приказна (добра приказна), имаме солиден актерски тим и ентузијастички настроена ТВ екипа. Да нема забуни: овде зборувам за оригиналните народни приказни, лансирани и направени од Радио-Телевизија Скопје во осумдесетите години.
Лично, речиси заборавив дека постои овој македонски ТВ производ. Сега нема никогаш да ги заборавам филмуваните македонски приказни. А1 и Сител на најлош можен начин успеаа да ги вратат во игра притоа уништувајќи ги сите убавини што со себе ги носат приказните ревносно собирани од Миладиновци, Цепенков, Чуповски… Прво, тоа не се тие приказни. Овие се некои нови, овие ги немам прочитано. Низ нив само провејуваат некои мотиви од македонските народни приказни. Често нема ниту мотиви, туку само обична, плитка приказна со (каква-таква) поука чие дејство се случува на село. Дијалозите се приказна сама за себе. Сценаријата како излезени од перото на двоецот Sинго - Велија. Актерската екипа без желба за живот. Режијата ко да го носи потписот Груевски - Црвенковски. Музиката, фала богу, ја нема. Новите македонски народни приказни се типичен македонски ендемски вид ТВ програма. Направена со силување на делото на собирачите на народни умотворби. Изградени врз успехот и оригиналната идеја на серијалот започнат од РТС во осумдесетите. Фактот што Колозов веќе не е меѓу нас и има огромна празнина со вистински кастинг за улогите на Царот и Господ е најмалиот проблем. Пред да видам како новокомпинарите македонски приказни изгледаат на телевизија, наивно мислев дека отсуството на Ѓорѓи Колозов ќе биде клучниот проблем.
Избегнувајте ги овие ТВ приказни. Освен ако не сте мој тип на тевехоличар и можете да уживате во лошите костими и бајатата актерска игра или пак знаете да се смеете кога ситуацијата бара солзи.
Ах, да замалку ќе заборавев… Пред некој ден, на прва програма налетав на вистинска македонска народна приказна снимена во 1987. Беше неподносливо наивна, но имаше нешто симпатично во целиот производ. Можеби тоа беше Црна Арапина…

П.С. Постои една приказна која одсекогаш ме фасцинирала. Силијан Штркот. Има фантастични елемнти, одлично дејствие, прекрасни описи и цврста, јасна поука на крајот. Никој не ни помислил да ја филмува. Филмуван Силијан Штркот би го направил Цепенков среќен човек. За жал, тој тоа не е.