Tuesday, July 22, 2014

blue? super blue.

ХАХАХА
Сами мажи и жени L.P. 
(moonley records)
датум на издавање 08,09,2014



Васко Атанасоски е маркантна фигура на домашната музичка сцена. Го познавам од средно школо, иста генерација, имаше бенд со име Бумбикс, во тоа време доста популарен. Единствениот албум Во оазата на мирот се појави за Баги рекордс во време кога приказната околу Бумбикс се ближеше кон крајот. Потоа следуваше неговата хардкор/панк стрејт ејџ фаза во која со FxPxOx се вброи во еден од најизвезуваните домашните продукти во тоа време. Никако не смееме да го заборавиме и проектот ТК/СК и албумот Скопје од претходниот ден кој остави култен печат на нашата независна музичка сцена од почетокот на овој век. Следуваа Bernays Propaganda, по многу параметри во моментов најдобриот домашен состав. Во меѓувреме со Маерфакерчето отсвиривме заедно и две турнеји и снимивме еден албум со ПМГ Колектив. Хронолошки, ХАХАХА е неговиот последен бенд (да не го изоставиме Демек - најновиот проект со Саша Павловиќ Фреш). Уште со првиот албум Танго револуционер ми станаа омилен бенд на Васко од сите негови претходни. Во основа чист американски инди рок од средината на осумдесетите, текстови на македонски јазик, често со социјална тематика и пеење кое тотално ме има освоено (како пијан Дино Дворник, ако смеам сликовито да се изразам). Работата е во тоа што господинот Атанасоски природно се вклопува во претходно искажаното, па токму затоа, мое мислење е дека песните на ХАХАХА се брутално искрена слика за нашето време и однесување. Набрзо потоа следеше и Сиромшни и богати, вториот албум на бендот, еднакво успешен и квалитен како претходникот. На третиот албум, покрај Васко (гитара, вокали) Ненад Трифуновски (бас гитара), Џано Куч (тапани), тука е се и многу гости, како и новиот член на бендот Дени Крстев од Фонија (гитара, вокали).

Сами мажи и жени
Вторник е ружен ден сам по себе. Можда најружен од сите, ако веќе праиме топ листа. И овој е ружен исто ко било кој друг. Ама започна фантастично: се разбудив во 06.30 и имав време за све: туширање, чај, утринска програма на МРТВ.... Но, на меил ме дочека новиот албум на ХАХАХА, трет по ред на бендот, па гледањето утринска на МРТВ веднаш отпадна како опција. Знаев дека се работи на случајот ама не го очекував продуктот набрзо. Го преслушав во еден здив, некои песни силно ме погодија, одредени стихови со леснотија доносеа солзи во очите; ги префрлив песните во телефон и излегов од дома; се прибрав околу 19.00 и седнав да напишам што мислам за албумот кој ме освои и го преслушав веќе десетина пати....
Тажна плоча. Уредно поделена на А и Б страна. Пее за една изгубена генерација на која и јас припаѓам и за изгубената битка која е исто така и моја. Веројатно од тука и моето инстантно интимно поврзување со оваа плоча. Најпрво за бојата на вокалот: Васко е опуштен ко никогаш порано (сликовито - Дино Дворник испил уште пар чашки). Албумот го отвора 2 милиони тркалачки камања (насловот фино отсликува) песна во која Ристо Шишков преку извадок од филмот Најдолгиот пат предупредува дека ОВА Е ПОСЛЕДНИОТ ЛЕБ ШТО ЌЕ ГО ЈАДЕТЕ! ОДОВДЕ НАТАМУ ЛЕБ НЕ ВИДУВАТЕ!!!
Следува мојата омилена Радио моторика (Радио моторика на кровот на една скопска зграда / радио моторика права карпош 2 балада /..... радио моторика тајна врска Скопје - Љубљана) јасно алудира на два култни симболи на мојата генерација: Стотројка и Радио Штудент. (Ааааахххххх / Дали се слушаме?????)
Ема веројатно е посвета на Ема Голдман, анархистка и активистка од преминот на 19тиот и 20тиот век (Ема знае дека ја сакаме / исчезнавме, таа ни прости се / Ема знае дека ја сакаме / Ема ние те сакаме). Ова веројатно и звучи, а воедно и е најпоп песната во творештвото на ХАХАХА и со самото тоа една од моите омилени. 
А - страната ја затвора насловната Сами мажи и жени. Нема да коментирам, ме има у насловот.
Б  - страната тргнува со веќе познатиот скопски хит Сакам дома да живеам, ода за инертноста на масите и немоќта да пристапат кон било каква промена.  Од веќе познатата верзија на оваа песна овде добивате плус уште едно гитар соло и вокалот на Идриз Амети на пар стихови... Инди рокот на балканот никогаш не звучел подобро. Следува Светомир, една прекрасна композиција во која што искрено, не успевам да одгатнам дали се опева некоја вистинска личност или пак се работи за некоја фикција... И повторно семпл од Најдолгиот пат. Овде би ги споменал семпловите кои се мудро искористени во оваа плоча и успеваат да ги заокружат поентите изнесени во поезијата на Васко Атанасоски: има пуно од филмот Најдолгиот пат, а има и едно парче од архивата на ЈРТ, моментот кога Дарко Панчев дава два гола во дресот на Црвена Звезда сред Атина, гордо прокламирајќи се за Македонец. Оваа песна (Влае салеп) пее повторно за мојата генерација: бевме среќни најадени и исчешлани; Даре Панчев ебеше дете низ Европа; све изгледаше дека ќе биде убаво и понатаму, барем во нашите наивни детски очи. Знаеш, клинец си од Влае, најаден си, пиеш салеп, глеаш фудбал и си викаш ќе не биде. Но, ова што го живееме со нашите полни 36 години сега, не е тоа што го замислувавме при распадот на Југославија и независноста на Македонија тогаш, кога имавме три-четиринаесет години. (а кога - тогаш ние ќе наебеме /.../ секој овде знае зошто присутен е / тетка Тања нуди спокој од филмовите / ... / тука е љубовта на татковците / во салепот загледани, добри сме)
Албумот го затвора Ти што возиш велосипед, песна за велосипедот, превозното сретство на мојата генерација. Има тука и доста оптимизам, ко за крај, или можеби јас ја доживувам оваа песна така...
ХАХАХА го направија овој вторник плав, иако погоре заклучивме дека вторникот си е плав сам по себе.... Енивеј, албумот се појавува на Денот на независноста, 8ми септември. Во брутално квалитетна конкуренција (моите фаворити досега: Александар Пејовски - FYROM Requiem, The John And The Space Rebel Gang - S/T, Muhamed Ibrahimi - Fly) ова е мојот омилен домашен албум за оваа 2014та година. Што? Уште пола година има до крај? Епа коска бе. Си сакам изненадувања...
Мразам да изнесувам слепи факти и да генерализирам, ама: Скопје Е центарот на светот, а македонците знаат музика како никој друг од нивното опкружување.

Исто, утре е среда.

No comments:

Post a Comment